ЌЕ ИСПРАЌАМЕ 20 ОТСТО ПОВЕЌЕ ВОЈНИЦИ ВО МИРОВНИТЕ МИСИИ ЗА ДА СТАНЕМЕ 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, КАЖА МИНИСТЕРОТ ДИМИТРОВ

    ЌЕ ИСПРАЌАМЕ 20 ОТСТО ПОВЕЌЕ ВОЈНИЦИ ВО МИРОВНИТЕ МИСИИ ЗА ДА СТАНЕМЕ 30. ЧЛЕНКА НА НАТО, КАЖА МИНИСТЕРОТ ДИМИТРОВМинистерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека Владата работи на изградба на силни институции, наспроти владеење на силна рака. - Димитров и американскиот амбасадор Џес Бејли на денешната конференција „Македонија во НАТО“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Бројката 30 е поцврста, позаокружена од 29 и ние сакаме да бидеме 30. членка на НАТО и како Влада работиме Македонија што поскоро да биде дел од Алијансата, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната конференција „Македонија во НАТО“. Димитров најави дека за да го заслужиме членството во НАТО ќе го зголемиме за 20 отсто учеството на нашите војници во мировните мисии, а ќе се зголемат и средствата од буџетот за министерството за одбрана.

    „Мојот оптимизам дека ќе станеме полноправна членка на Алијансата се заснова на силната волја да ги решиме домашните задачи и да имаме добри и пријателски односи со соседите. Договорот со Бугарија и утрешната средба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, се доказ за тоа. За да заслужиме да бидеме членка ќе го зголемиме за 20 отсто учеството на нашите војници во мировните мисии, а ќе се зголемат и средствата од буџетот за министерството за одбрана. Работиме како Влада на изградба на силни институции, наспроти владеење на силна рака“, рече министерот Димитров.

    На конференцијата организирана од Институтот за геостратешки истражувања при МНР, Европскиот центар за безбедности студии Џорџ Маршал и Алумни асоцијацијата на Маршал центарот во Македонија, учествуваа и амбасадор на САД Џес Бејли и новиот германски амбасадор Томас Норберт Герберих.
    Амбасадорот Бејли потенцираше дека САД силно ќе ја поддржува Македонија на патот кон членството во НАТО.

    „Мора да работите на демократските реформи во земјата, мора да ги постигнете стандардите на НАТО. Потребно е да се градат добри односи со соседите, спроведување на реформите за владеење на правото, како и слобода на медиумите. Нема да биде лесно, нема да се реши преку ноќ, но сега е клучен момент за промени и се надевам реформите ќе се постигнат чекор по чекор. САД ќе биде ваш партнер на патот кон членството во Алијансата“, рече Бејли.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари