ЌЕ Ѝ ЈА ОДЗЕМEМЕ ЛИЦЕНЦАТА НА БЕГ ВО МОМЕНТОТ КОГА ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ИСПОРАЧУВА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА, ВЕЛИ БИСЛИМОСКИ ОД РЕГУЛАТОРНА

    ЌЕ Ѝ ЈА ОДЗЕМEМЕ ЛИЦЕНЦАТА НА БЕГ ВО МОМЕНТОТ КОГА ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ИСПОРАЧУВА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА, ВЕЛИ БИСЛИМОСКИ ОД РЕГУЛАТОРНАНе може друг да им го решава проблемот на БЕГ, за потоа во мај да се вратат „како принцеви на бели коњи“, вели Бислимоски. (архивска фотографија)

    Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека “Балкан енерџи груп” (БЕГ) ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата, откако претходно денеска БЕГ соопшти дека има пари за набавка на гас до крајот на утрешниот ден.

    БЕГ предлага Владата времено да го преземе управувањето со компанијата почнувајќи од утре, па сè до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона. Но, Бислимоски за тоа вели дека не може друг да им го решава проблемот на БЕГ, за потоа во мај да се вратат „како принцеви на бели коњи“.

    „Предлогот што го понуди БЕГ за Регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и Регулаторната комисија и Владата, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбија. Се разбира дека одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе си ја преземе Владата кога веќе БЕГ кажува дека тоа нема да може да го прави од сабота, но затоа Регулаторната комисија ќе им ја одземе лиценцата за работата. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот за тие во мај да се вратат како принцеви на бели коњи. Сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе“, вели Бислимоски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Владата обезбеди кредит од 8 милиони евра од Развојната банка за БЕГ да набави гас, но, како што кажа денеска министерот за економија Крешник Бектеши, БЕГ не може да достави банкарска гаранција, а тие не можат да даваат кредити во име на Владата без да бидат гарантирани средствата.

    Неофицијално, БЕГ не доставила гаранција зашто ниту една банка не сака да им даде гаранција, затоа што фирмата е основана со влог од 5.000 евра, а сопствениците не сакаат да вложат пари.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира