Премирот Христијан Мицкоски рече дека ја прифаќа поканата на родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ и дека ќе оди кај нив во Кочани. Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, од кои 6 малолетници, а 193 беа повредени, од кои 25 деца.
Вчера, пред протестниот марш во Кочани, родителите преку соопштение до медиумите кажаа дека ја одбиле поканата од Кабинетот на премиерот Мицкоски за средба закажана на 13 мај во Скопје. Причината за одбивањето е доцнењето на поканата бидејќи тие уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани. Родителите велат дека дел од нив не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата. Во соопштението додаваат дека нивниот став не е израз на целосен консензус, туку одраз на мислењето на мнозинството меѓу нив.
„Жалам што е таква одлуката, немам проблем да отидам во Кочани, апсолутно, ќе сторам како што правев и досега, онолку колку што можам да им помогнам. Досега не сум имал покана, но еве ако е ова покана еве кажувам дека ќе појдам во Кочани и ќе разговарам, ќе се организираме, ќе се договориме. Мене не ми преставува никаков проблем, стојам на располагање. Бев неколкупати во Кочани, за мене овој случај не треба да добие призма на естрада, иако некои некрофили и политички глодари од опозицијата сакаат да добијат на политички поени. Ќе сторам сѐ што можам да помогнам да тие луѓе да ја ублажам болката“, рече Мицкоски по денешниот увид во изградбата на градинка во скопската Општина Гази Баба.
Истрагата на обвинителите во Скопје и Кочани продолжува со распит на сведоци и анализа на прелиминарните вештачња. Обвинителството минатиот месец најави сослушување на над 300 сведоци. Полицијата постапува по наредбите на јавните обвинители, рече вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека се очекува истрагата да заврши во втората половина на јуни, кога ќе знае кој ќе биде обвинет.
Семејствата на жртвите бараат независна, темелна и неселективна истрага и најавија дека ако не ја добијат правдата во земјава, ќе ја бараат пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
Над 60 лица досега се под истрага за пожарот, меѓу кои и двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илијев и градоначалникот кој даде оставка по пожарот, Љупчо Папазов, како и ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори. Под истрага се и сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму дале одобрение дискотеката „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.
Б. НЕСТОРОСКА