Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ќе се разговара за тоа каква форма на увид треба да се направи кај оние матични лекари кои не веруваат во коронавирусот, не ги пријавуваат заболените за тестирање и ги лекуваат во домашни услови.
Информацијата за матичните лекари кои не веруваат во вирусот, и со тоа придонесуваат за зголемување на ризикот од ширење на инфекцијата, ја објави Лекарската комора на 8 јуни, и оттаму реагираа дека дека загрижувачки е фактот што еден дел од нивните колеги сè уште своите лични убедувања ги ставаат пред сознанијата и насоките препорачани од Светската здравствена организација (СЗО) и државните здравствени авторитети и власти, „при што се однесуваат спротивно на официјалните протоколи, медицината базирана на докази и кодексот на медицинската деонтологија“.
„Вашите колеги кои работат на Клиниката за инфективни болести и оние биле таму да помагаат, оние кои работат во Градската општа болница ‘8 Септември” и во Итната медицинска помош, колегите од Куманово, колегите од Дебар и многу други, ги споделија своите искуства на социјалните мрежи и во сите медиуми и сето тоа имавте можност да го прочитате и видите. Вирусот е тука и за жал, носи жртви! Како ќе им објасните на семејствата на починатите дека е вирусот нешто што треба да се занемари? Бараме да се однесувате одговорно како на вашето, така и вон вашето работно место! Сè друго го руши нашиот улед како фела!“, стои меѓудругото во апелот на Лекарската комора.
Претседателката на Лекарската Комора д-р Калина Гривчева – Старделова на 9 јуни изјави дека дека ваквите сознанија се доставени до Министерството за здравство и до Комисијата за заразни болести.
„Не е тоа голем број на доктори, меѓутоа еден мал, кој постои, ги лекуваат и третираат пациентите дома. Тоа подразбира дека ако третираш пациент дома – не го тестираш. Основниот проблем е во тоа што пациентите кога ќе препознаат дека ‘настинката’ не поминува така лесно, тогаш ги упатуваат во болница и најчесто се во сериозно тешка состојба“, рече д-р Гривчева-Старделова за Телма.
Комората документирала и дека некои од лекарите дури и јавно на своите профили на социјалните мрежи објавувале оти коронавирусот не постои. Од Комората велат дека за понатамошно постапување за овие прекршувања на лекарскиот кодекс, што можеби резултирало и со смртни случи, прво ќе почекаат одговор од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
На новинарско прашање на денешната прес-конференција за тоа како ќе се постапува по пријавите на Лекарската комора, Филипче рече дека има пациенти кои многу доцна се јавуваат во болница и тоа го покажа анализата на смртност, дека над 30 проценти од смртните случаи се или во првиот до петтиот ден од хоспитализирањето.
„Многу е тешко да се утврди причината за тоа. Ние матичните лекари во неколку наврати сакавме да ги вклучиме во работата на епидемиолозите во смисла на помош за полесен пристап до пациентите, поради тоа што се нивни матични лекари и тие полесно пристапуваат до нив. Но, заклучивме дека е добро епидемиолозите да бидат поддржани овде во Институтот за јавно здравје во Скопје, затоа што тие имаат поспефицичен пристап, чисто од епидемиолошки аспект и повторно да не се соочиме со тој отпор кој го детектираат матичните лекари. Не насекаде, и не во голем број, но има некаде, како што и регистрираше Лекарската комора. Ќе разговараме за тоа каква форма на увид треба да се направи, пред сѐ, разговор со тие матични лекари, затоа што сега сме целосно посветени на работата со пациентите“, рече министерот Филипче.
Б. НЕСТОРОСКА