Здравствените работници во земјава за првпат ќе може бесплатно да се вакцинираат против сезонски грип во нивните матични установи, наместо да одат како и досега во Центрите за јавно здравје, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинацијата почна во вторникот, а граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар. За оваа година, набавени се 40 илјади дози, 12 илјади дози повеќе од минатата годината.
Во првата испорака до установите се обезбедија 2.790 вакцини. Од Министерството велат дека во најбрз рок ќе бидат испорачани и дополнителни количини поради големиот интерес помеѓу здравствените работници.
„На овој начин, вакцината ја направивме подостапна за сите здравствени работници, како една од ризичните категории, чија заштита во услови на пандемија на ковид-19 е многу значајна“, велат од МЗ.
Трета година по ред, вакцината против сезонски грип е бесплатна за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години.
Кога во вторникот почна вакцинацијата, за неколку часа се продадоа сите вакцини против сезонски грип на приватно во Скопје. Во Центарот за јавно здравје Скопје се продадоа сите 2.000 дози од по 800 денари, а директорот Александар Стојанов кажа дека чекаат да добијат уште 2.000 вакцини кои сè уште не им се испорачани од производителот.