Ќе се прават нови проекти за зградите на Факултетот за физичка култура и на ФИНКИ во Скопје, чија изградба запре пред шест години. Работна група предводена од професорот на Градежен факултет Горан Марковски изминативе шест месеци вршеше испитувања на состојбата во која се наоѓаат зградите.
„Работната група која ја координира професорот Марковски иницираше ревизија на постојните проекти за изградба зашто во меѓувреме се наметнати нови стандарди за градба, опремување и слично, како и заради намалување на трошоците со отстранување на одредени позиции кои нема да влијаат на функционалноста. Беше извршена анализа на карабините, имајќи предвид дека изградбата повеќе години е во застој, поточно од 2019“, велат до Министерството за образование.
Од Министерството додаваат дека следната недела ќе биде објавен повик за репроектирање, односно изработка на нови проекти за градба, по што ќе следи и постапка за избор на нов изведувач.
Предвидено е двата објекта да бидат поврзани со мост во интерес на поквалитетна реализација на интердисциплинарни студии. Објектите нема да имаат барокна, туку модерна фасада.
Изградбата на овие два објекта во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) почна во 2015, а беше сопрена во 2019, кога изведувачот „Бетон Штип“ отиде во стечај. Оттогаш зградите не се чепнати, а и она што е изградено е уништено. При посилен ветер летаат парчиња лим и други материјали од зградите.
Според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015, ФИНКИ требаше да чини 784 милиони денари, но само 40 отсто се реализирани или исплатени, односно 110 милиони денари. Факултетот за физичко образование, спорт и здравје требаше да чини 432 милиони денари, а реализацијата на проектот е 16,9 отсто или исплатени се 73 милиони денари.
А. АНТЕВСКА



