Премиерот Зоран Заев е убеден дека ќе ги вложат сите напори за да се донесе Законот за Јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Тој ова го кажа на дебатата „НАТО дипломатска дискусија-патот во Брисел“, која се одржа во Владата по повод 70 години НАТО.
„Законот за безбедносните служби е заокружен и чекаме Собранието да го усвои. Останува уште Законот за Јавно обвинителство за кој сум убеден дека ќе ги вложиме сите напори за да се донесе, бидејќи владеењето на правото е една од вредностите на НАТО“, рече Заев.
Тој кажа дека досега протоколот за членството во НАТО го ратификувале 9 земји членки, а дека уште неколку најавиле дека го отвораат процесот и дека нема сомнеж дека ќе бидеме 30 членка на алијансата.
Според него годинава по завршување на третиот квартал и позитивните економски показатели, годинава може да се очекува раст на БДП од 4 отсто, и дека тоа го носи НАТО но и реформите кои се прават во земјата.
„Владата одбри зголемување на буџетот за одбрана за 0,2 отсто од БДП секоја година, за да може тој да стигне до 2 отсто во 2024 година. Со членството во НАТО како 30 членка ќе обезбедиме мирен и стабилен регион, а со тоа и нашата земја да биде постабилна и посигурна. Земјата е на неповратен евроатлантски пат, и тоа го постигнавме за 1,5 година. Сакаме да градиме мостови на разбирање и пријателство“, кажа Заев.
Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец, кој е претставник на НАТО во Македонија кажа дека земјата е една од ретките за која повеќе членки на НАТО во кус период го ратификувале протоколот за прием.
Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска рече дека Влада не се нестрпливи за да се забрза процесот за ратификација на протоколот за прием, но дека не сакаат ниту да губат време како што тоа беше изминатите децении. Таа кажа дека очекува летово да почнат и претпристапните разговори со ЕУ, бидејќи како држава досега ништо не сме добиле на подарок, туку се сме одработиле.
„Но и во голем дел од земјите членки во тек се изборни процеси и нивните собранија на работат“, рече Шекеринска.
Е. БОЧВАРОСКА