ЌЕ СЕ ВОВЕДУВААТ ЛИЦЕНЦИ И ЗА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, ОТКАКО ЌЕ СЕ НАПРАВИ РЕГИСТАР НА СРЕДНОМЕДИЦИНСКИ КАДАР

    ЌЕ СЕ ВОВЕДУВААТ ЛИЦЕНЦИ И ЗА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, ОТКАКО ЌЕ СЕ НАПРАВИ РЕГИСТАР НА СРЕДНОМЕДИЦИНСКИ КАДАРМинистерот за здравство Венко Филипче кажа дека денешната средба претставува прв чекор и давање на ингеренции за понатамошна соработка со Комората и понатамошно партнерство во креирањето на здравствената политика според европските директиви. (Фото: Министерство за здравство)

    Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование на Република Северна Македонија доби јавно овластување од Министерството за здравство за водење на единствен регистар на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование.

    Министерството за здравство соопшти дека министерот Венко Филипче на денешната средба со претседателката на Комората Котевска, генералниот секретар Сефедин Алију, претседателот на Одборот на забни техничари Никола Николовски и претседателот на Здружението на медицински лаборанти при Клинички центар Скопје Ивица Апостолов, ѝ дал јавно овластување на Комората за водење на единствен регистар на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование и дека тоа е почетен чекор на понатамошната соработка и партнерство меѓу Министерството за здравство и Комората.

    „Денешната средба претставува прв чекор и давање на ингеренции за понатамошна соработка со Комората и понатамошно партнерство во креирањето на здравствената политика според европските директиви“, вели Филипче.

    Претседателката на Комората Виолета Котевска вели дека со ова јавно овластување од Министерството за здравство добиле ингеренции да изготват регистар на сите здравствени работници и во приватните и во јавните здравствени установи, односно на сите медицински сестри, акушерки, физиотерапевти, лаборанти, радиолошки техничари и забни техничари. Таа вели дека согласно европските директиви треба да направат регистар колку средно-медицински кадар има во земјава, каде е распореден и старосната структура.

    „Тоа значи дека како комора составена од 7 одбори активно ќе учествуваме во креирање на здравствената политика. Откако ќе биде направен регистарот, како прв чекор од европските директиви, потоа треба да се одреди начинот на лиценцирање и колку ќе чинат лиценците. Согласно овие директиви и средномедицинскиот кадар ќе работи со лиценци, исто како и докторите“, вели Котевска.

    Таа вели дека комората е вклучена и во обуките на средномедицинскиот кадар и дека по изготвување на регистарот и согледување на потребите ќе се врши медицинска едукација.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира