ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ПРИДОНЕСИТЕ ЗА 0,5 ОТСТО ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ДУПКАТА ВО ПЕНЗИСКИОТ ФОНД ОД 310 НА 275 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО

    ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ПРИДОНЕСИТЕ ЗА 0,5 ОТСТО ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ДУПКАТА ВО ПЕНЗИСКИОТ ФОНД ОД 310 НА 275 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНОЗголемување на придонесот за пензиско осигурување од 0,4 отсто и за здравствено од 0,1 отсто, можност 28.000 граѓани да се вратат од вториот столб во ПИОМ и државна социјална пензија за 6.000 граѓани се сетот реформи на пензискиот систем. - Министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска (Фото: Влада)

    Придонесот за пензиско и здравствено осигурување ќе се зголеми за 0,5 отсто, ќе се воведе државна социјална пензија и на 28.000 граѓани ќе им се овозможи од вториот пензиски столб да се вратат во првиот.

    Ова се сетот реформи на пензискиот систем кои министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ги најави на прес конференција во Владата, заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски кој пак ги најави даночните реформи. Од овие 0,5 отсто во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ќе одат 0,4 отсто, а во Фондот за здравствено осигурување 0,1 отсто.

    Со овие реформи, според Царовска дефицитот на Пензискиот фонд од 19 милијарди денари, ќе се намали на 16,9 милијарди денари.

    „Дефицитот во ПИОМ е зголемен за 150 отсто и изнесува повеќе од 19 милијарди денари. На тоа влијаеа политиките за ослободување од придонеси, намалување на придонесите, а не се зголемија платите. Имаше ад хок зголемување на пензиите без соодветна анализа. По спроведување на реформите очекуваме долгот на ПИОМ да се намали на 16,9 милијарди денари“, рече Царовска.

    Таа кажа дека 28.000 граѓани родени до први јануари 1967 година ќе имаат опција ако сакаат пензијата место во двата столба од пензискиот систем, да преминат само во ПИОМ. Според неа луѓето кои се пензионирале, а биле во двата пензиски столба и во државниот и во вториот биле оштетени и добиле пониски пензии и дека на овој начин на овие граѓани им се овозможува во иднина да добиваат повисоки пензии.

    „Затоа што имаме излегување на ваков тип на пензионери и пензиите им се нереално ниски. Сега им даваме можност да се вратат и да добиваат пензија од првиот столб. Ова ќе биде на доброволна основа да се вратат, а ако кажат дека не сакаат да се вратат потоа ќе немаат ваква можност. Граѓаните што користат бенефициран стаж ќе можат да се вратат и да добијат пензија само од прв столб. Во моментов во таква поволна ситуација се вработените во МВР и во Министерството за одбрана, а најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии‘, рече Царовска.

    Таа кажа дека со пресметките на процентот од вториот пензиски столб граѓаните кои сега би се пензионирале од вториот пензиски столб ќе добијат 30 отсто од максималната плата, додека со реформата тоа ќе биде 40 отсто од максималната плата.

    Зголемување на старосната граница за пензионирање, а пензиите и натаму ќе се усогласуваат два пати годишно со растот на трошоците на живот. Царовска најави и дополнително усогласување на пензиите, ако има раст на бруто домашниот производ (БДП) од 4 отсто.

    „Ќе има зголемување и на заменските стапки за пензионирање во двостолбниот систем. Денес ако одите во пензија, заменските стапки се 0,75 за маж и 0,82 за жена, а ние велиме со реформата заменските стапки ќе бидат 1 процент за маж и 1,14 процент за жена и со тоа овозможуваме да имате повисока пензија исплатена. Тоа сосема друга мерка и не е поврзано со овие што им е понудено да се вратат во првиот столб“, рече Царовска.

    Со социјалната реформа се воведува и државна социјална пензија за околу 6.000 граѓани, кои имаат над 65 години.

    „Граѓаните кои имаат 15 години живеалиште во Република Македонија кои имаат само еден ден работен ден стаж ќе добиваат 40 отсто од просечната исплатена пензија во Република Македонија, односно 5.800 денари. Со оваа реформа создаваме одржлив систем и за сегашните и за идните пензионери“, рече Царовска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира