Чувствувам вина што влегов во Собранието, кажа Никола Митревски-Кољо, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад во Собранието на 27 април лани, на јавната седница во Апелациониот суд, на која бараше да му се замени мерката притвор со поблаги мерки на претпазливост.
Покрај Митревски, денес на Апелација се жалеа и обвинетите Александар Василевски-Нинџа и Горанчо Ангелов. Сите тројца побараа поблаги мерки за обезбедување присуство, наведувајќи дека нема да бегаат.
„Ако постојат докази за осудителна пресуда во судскиот процес, ќе ја почитувам и ќе ја отслужам казната. Нема да бегам, имам семејство, две деца и сопруга“, додаде Митревски во своето излагање пред Апелација.
Дека нема да бега кажа и Нинџа. Тој рече дека се дал во бегство поради семејни причини, но штом тие биле решени, се вратил и доброволно се пријавил во полиција.
„Од досегашниот судски процес се покажа дека мене нигде ме нема на снимките дека сум бил во Собрание. Единствено ме има дека пијам кафе во ресторанот Дион на кеј“, рече Василевски.
Адвокатот на Горанчо Ангелов кажа дека сите обвинети треба да имаат еднаков третман, а не за едни да важат едни мерки за други поинакви и побара да му биде намалена мерката притвор со куќен притвор.
А. АНТЕВСКА