ЌЕ СТАВАМ КРАЈ НА РЕКЕТАРИТЕ КОИ САКААТ ДА ИМ НАШТЕТАТ НА ФУНКЦИОНЕРИ НА СДСМ, ВЕЛИ КИРАЦОВСКИ ЗА ТУЖБАТА ПРОТИВ ДУШКО МЛЕКАРОТ

    ЌЕ СТАВАМ КРАЈ НА РЕКЕТАРИТЕ КОИ САКААТ ДА ИМ НАШТЕТАТ НА ФУНКЦИОНЕРИ НА СДСМ, ВЕЛИ КИРАЦОВСКИ ЗА ТУЖБАТА ПРОТИВ ДУШКО МЛЕКАРОТАлександар Кирацовски бара Илиевски да му се извини за статус кој го напишал на Фејсбук пред десетина дена и да го повлече, ако не во спротивно ќе го тужи за клевета. - Кирацовски со сопартијките Радмила Шекеринска и Фросина Ременски во Собранието (Фото: СДК.МК)

    Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски вели дека ќе стави крај на сите злонамерници кои со смислени лаги и инсинуации сакаат да им нанесат штета на истакнати функционери на СДСМ, коментирајќи ја за САКАМДАКАЖАМ.МК опомената пред тужба што преку правен застапник ја испратил до млекарот Душко Илиевски. Кирацовски бара Илиевски да му се извини за статус кој го напишал на Фејсбук пред десетина дена и да го повлече, ако не во спротивно ќе го тужи за клевета.

    Тој вели дека иако за него овој случај е маргинален, сепак од принципиелни причини ја поднел опомената, првенствено за заштита на неговите чест и углед, како и на неговото семејство за кои вели дека се стекнати преку макотрпно, чесно и работливо поминат живот.

    „Како дополнителна мотивација за овој чекор се јавуваат бројни евидентни ситуации каде исклучително чесни политичари стануваат предмет/жртви на груби смислени лаги и инсинуации, за подоцна да бидат рекетирани за спас од истите, поради стравот како ќе бидат сфатени од јавноста доколку го тужат сторителот кој наводно е ‘обичен граѓанин’. Јас ќе ставам крај на сите злонамерници од овој тип затоа што имам цврсти и непобитни аргументи“, вели Кирацовски.

    Понатаму додава дека „во актуелниот случај изрекувачот, најверојатно е нечиј инструмент кој има за цел да наштети на најистакнатите функционери од СДСМ, а преку тужбата најверојатно и ќе се потврди токму тоа. Нема да дозволам ВМРО ДПМНЕ, преку прикриени и потплатени ликови да нанесува штета на било кој член на СДСМ.“

    Кирацовски на неговиот Фејсбук профил напиша доколку дојде од судски спор и добие парична отштета, парите ќе ги донира за хуманитарни цели.

    Според опомената, Илиевски на 3 септември на Фејсбук објавил коментар во кој Кирацовски го навредил обвинувајќи го дека наводно изградил хациенда во Битола и купил нов автомобил.

    Илиевски, кој сега живее во Германија, на својот Фејсбук профил ја објави опомената и напиша коментар Кирацовски да не се затскрива зад опомени пред тужби туку да се соочел со реалноста, со граѓаните и функцијата и дека за него завршила политичката кариера.

    Инаку Илиевски и е познат на јавноста по протестите на фармерите кои останаа со празни џебови кога млекарницата „Сведмилк“ не им го исплати млекото. Како и по тоа што поради конфликтот со минатата власт беше притворен под обвинение дека одгледувал марихуана, што во судската постака се покажа како невистинито. Илиевски е член на СДСМ, а во последно време на социјалните мрежи критикува нејзини високи функционери и пратеници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира