„Се обединивме околу најважното – европската интеграција, околу Копенхагенските критериуми, околу регионалниот пристап кон решавање на проблемите, околу тоа дека нема да ги повториме грешките на Бугарија и ќе трагаме по компромисот и единственото решение, без никој да се чувствува повреден и без никој да мисли дека е заборавен“, рече денеска во Софија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по неформалната средба со бугарскиот претседател Румен Радев. Според фотографиите објавени од Кабинетот на Претседателката, таа и Радев се снимени на официјално место за фотографирање само пред бугарско и знаме на Европската Унија, а нема истакнато македонско знаме.
По средбата се одржа состанок на македонската и бугарската делегација, на кој покрај претседателката Сиљановска-Давкова присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Само бугарско и знаме на ЕУ има на фотографијата од средбата во бугарското Министерство за култура на министерот Зоран Љутов со бугарскиот колега Најден Тодоров.
Сиљановска-Давкова во Софија дојде за да го проследи гостувањето на македонската Национална опера и балет (НОБ), која вечерва ќе ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди. Ова гостување е дел од договорот за соработка потпишан во ноември 2023 година меѓу националните опери на двете држави, а следува по настапот на Софиската опера и балет на годинашните „Мајски оперски вечери“ со Вагнеровата опера „Валкира“.
По средбата со Радев немаше прес-конференција на двајцата претседатели, а Сиљановска-Давкова на излегување одговори на неколку прашања на бугарските новинари. Таа рече дека на средбата се разговарало и за промената на македонскиот Устав со внесување на Бугарите, што е услов за започнување на преговорите за членство во ЕУ по ветото на Бугарија.
„Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија не зависи од мене. Да сум апсолутен монарх, можам да кажам ќе го сменам Уставот. Пратениците ги претставуваат граѓаните кои гласаат по сопствено уверување. Јас не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но разговаравме за сите прашања. Велам разговаравме. Ние не може да донесеме решение кое ќе го наметнеме“, рече Сиљановска-Давкова и додаде: „Факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, но факт е дека дијалогот е клучното решение“.
„Не сум случајно овде, дојдов да разговараме. Убедена сум дека по денешниот разговор во една дебатна, пријатна атмосфера, дека ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека тоа ќе се случи утре, но важно е да се започне. Сигурна сум дека, како што честопати велам, мислата може да биде побрза од светлината. Ако се слушаме, се почитуваме и имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат“, рече претседателката Силјановска-Давкова.
На средбата, таа го поканила Радев да ја посети Македонија, тој ја прифатил поканата, но не е прецизиран термин.
Според соопштението на кабинетот на бугарскиот претседател, Радев на средбата ѝ кажал на Сиљановска-Давкова дека Бугарија очекува нејзината искажана желба за дијалог и разбирање да стане конзистентна политика на Владата.
„На средбата, претседателот Радев истакна дека дијалогот на највисоко ниво меѓу двете земји треба да биде активен и да ја стимулира работата на владите, бизнисите, како и билатералната размена во областа на образованието, науката и културата“, соопшти Кабинетот на Радев по средбата.
Претседателката Силјановска-Давкова изрази сочувство за двајцата бугарски воени пилоти кои денеска загинаа во несреќата во воздухопловната база Граф Игнатиево и рече дека разбора оти поради таа несреќа претседателот Радев нема да биде во можност да присуствува на оперската претстава на НОБ.