КИРИЛ БОЖИНОВСКИ ГО ТЕРАЛ СОВЕТНИКОТ ТОМИ ЛАЗАРОВ ДА ГО ЛАЖЕ ЧЛЕНСТВОТО НА ВМРО-ДПМНЕ ДЕКА ЌЕ СЕ УРИВА ЦРКВАТА „СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА“

    КИРИЛ БОЖИНОВСКИ ГО ТЕРАЛ СОВЕТНИКОТ ТОМИ ЛАЗАРОВ ДА ГО ЛАЖЕ ЧЛЕНСТВОТО НА ВМРО-ДПМНЕ ДЕКА ЌЕ СЕ УРИВА ЦРКВАТА „СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА“Поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски не е во обвинението за Насилство во Општина Центар. - Божиновски пред Кривичниот суд за судење за „Талир 2“ (Фото: СДК.МК)

    Томислав Лазаров, кој призна вина и доби условна казна за Насилство во Општина Центар во 2013 година по нарачка на избеганиот експремиер Никола Груевски, на денешното судење посведочи дека на денот на насилствата, на мобилниот телефон повеќе пати му се јавувале обвинетиот Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, кој не е во ова обвинение.

    „На седницата на Советот на 7.06.2013 година имаше закажано седница на која требаше да се поништат 4 за нас спорни точки. Во советничката група ни беше кажано дека ќе се поништи ДУП за овие локации, а дека една од нив е таа на која се гради црквата ‘Свети Константин и Елена’“, сведочи Лазаров, тогашен координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на ОК Центар.

    „Партиски членови ми кажаа дека се формирало здружение ‘Веритас’, кое ќе организира протести за одбрана од уривање на црквата. Ме викна Кирил Божиновски, на состанокот беа сите ОК на ВМРО ДПМНЕ на територија на Скопје. Беа дадени насоки за да се информира членството дека на тој и тој датум ќе има протест пред споменикот на Мајка Тереза до црквата. Не се спомнуваше насилие“, одговараше Лазаров на прашања на обвинителката Фатиме Фетаи како тргнала целата работа, која на 10 јуни 2013 кулминираше во кршење на општината и заробување внатре на советниците од СДСМ.

    Пак бил повикан кај Божиновски, кој му дал насоки на продолжението на седницата за три дена, протестите да бидат што помасовни, по секоја цена да се тргнат точките од дневен ред, а на членството што ќе дојде да му се кажува дека СДСМ сака да ја запре градбата на црквата „Свети Константин и Елена“.

    И на 10-ти кога протестот беше помасовен, Лазаров контактирал со Јанакиески и Божиновски, кои му се јавувале на мобилен.

    „Никој од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ немаше контакт со кој било партиски функционер освен јас. Сите насоки како да дејствуваме ги добивав само јас“, сведочи Лазаров.

    Во обвинението стои дека и Даниела Рангелова добивала насоки, но Лазаров под заклетва го кажа спротивното.

    Тој сведочеше дека кажувал на двајцата, предупредувал дека сите советници се во опасност од толпата надвор на т.н. здружение, која веќе ја крши општинската барака.

    „Кирил ми даде насока да извадам книга ‘Зоки Поки’ и да ја читам, за да го потрошам времето, исто како Талат Џафери што правеше“, кажа сведокот.

    „Зоки Поки брзо се чита“, искоментира обвинителот Гаврил Бубевски за идејата на Божиновски

    „Прајте што ќе прајте, точките на дневен ред да не се усвојат, добивав насоки од Божиновски и Јанакиески“, рече Лазаров.

    „Дали почитуваниот сведок се согласува дека јас не сум имала никаква ингеренција ниту функција во ВМРО-ДПМНЕ за да организирам протест и да повикувам луѓе на критичните датуми?“, го праша Томислав обвинетата Даниела Рангелова.

    „Апсолутно се согласувам, почитуваната Даниела Рангелова постојано негодуваше на моите предлози седницата да трае што подолго, согласно насоките што ги добивавме од партијата. Бидејќи седевме еден до друг, видов дека таа контактира со членови од нејзиното најблиско семејство“, одговори сведокот.

    Продолжува одбраната да го испрашува сведокот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира