За вакцината против сезонски грип, за која тендерот пропадна бидејќи на него не се пријавила ни една фирма, вакцините ќе се обезбедат по друг пат. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска рече дека вакцинацијата и годинава ќе почне навреме односно во втората половина на октомври.
„Светската здравствена организација (СЗО) ги промени сите три соја во препорачаниот состав на вакцината против сезонски грип за северната хемисфера. Ваквата истовремена промена е невообичаена и предизвика доцнење во производството кај производителите на глобално ниво. Поради тоа, во повеќе земји во Европа и регионот почетокот на вакцинацијата се очекува во ноември. Во нашата држава тендерот за набавка на вакцини вообичаено се објавува во периодот јуни-август, по објавување на соевите од СЗО. На објавениот тендер оваа година не се пријави ниту еден понудувач. Министерството веднаш презеде мерки за обезбедување вакцините по друг пат. Во последните три сезони вакцинацијата кај нас започнуваше во периодот од 16 до 25 октомври. Министерството за здравство ќе биде подготвено вакцинацијата да започне и оваа сезона во истиот период. Од планираните 80.000 дози, 56.000 вакцини се веќе обезбедени или се во постапка на обезбедување, а активностите за обезбедување на преостанатите количини продолжуваат“, рече Клековски.
Бесплатната вакцина против сезонски грип е наменета за лица над 65 години, хронично болни, бремени жени и здравствени работници. Од Министерството велат дека граѓаните ќе бидат навремено информирани за почетокот на вакцинацијата и начинот на закажување.



