Премиерот Христијан Мицкоски вели дека македонските граѓани не вадат бугарски пасоши поради етничка или национална припадност, туку од економски причини, додавајќи дека сите тие ќе ги искинат уште првиот ден кога ќе станеме членка на ЕУ.
„Вистинското прашање е зошто македонските граѓани не побарале бугарски пасош пред Бугарија да влезе во ЕУ. Бугарскиот пасош не е поради етничка или националност. Колку што знам, Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите и Бошњаците имаат бугарски пасоши од економски причини. Сметаат дека на тој начин полесно ќе добијат можност да работат во земјите на ЕУ, а не затоа што се чувствуваат Бугари. И сигурен сум дека утре сите ќе се откажea, да не се случеше оваа неправда и две и пол децении чекање за почеток на преговори. Да имавме нормален пат, како и сите нови земји-членки на ЕУ, ви гарантирам дека ниту еден граѓанин немаше да побара бугарски пасош. Имаме многу внатрешни проблеми, но заслужуваме многу повеќе од многу земји-членки на ЕУ. И гарантирам дека ако го добиеме заслуженото, на првиот ден кога ќе станеме членка на ЕУ, ќе ги искинат. Ви гарантирам“, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со претставници на Стопанска комора на Северо-Западна Македонија.
Министерката за енергетика во владата на Мицкоски, Сања Божиновска, имала бугарски пасош, за кој рече дека ѝ е истечен и не побарала негово обновување. Таа вели и дека завршила со процедурата за отпуст од бугарско државјанство неколку месеци пред да добие можност да биде министерка во владата.
Мицкоски денеска го повтори ставот дека решение за почеток на пристапните преговори со ЕУ е носење на уставните измени со одложено дејство.