КОГА СЕ НА ВЛАСТ, ВМРО-ДПМНЕ ПРЕФЕРИРА АНГАЖИРАЊЕ НА ЛИЦА ПРЕКУ КОНСУЛТАНТСКИ УСЛУГИ, А СДСМ ПРЕКУ ПРИВРЕМЕНИ ВРАБОТУВАЊА, ПОКАЖА АНАЛИЗА НА ВЛИЈАНИЕТО НА ИЗБОРИТЕ ВРЗ ЈАВНИОТ СЕКТОР

    КОГА СЕ НА ВЛАСТ, ВМРО-ДПМНЕ ПРЕФЕРИРА АНГАЖИРАЊЕ НА ЛИЦА ПРЕКУ КОНСУЛТАНТСКИ УСЛУГИ, А СДСМ ПРЕКУ ПРИВРЕМЕНИ ВРАБОТУВАЊА, ПОКАЖА АНАЛИЗА НА ВЛИЈАНИЕТО НА ИЗБОРИТЕ ВРЗ ЈАВНИОТ СЕКТОРРазлична гарнитура на власт преферира различен начин на ангажман на лица. (Фото: ЗМАИ)

    Движењето на привремените вработувања и консултантските услуги се менува согласно промената на власта, покажа првата Анализа на влијанието на изборите врз вработувањата во јавниот сектор, консултантските и другите договорни услуги во рамки на проектот за „Користењето на државните ресурси за време на изборните процеси“.

    Така, во анализата се вели дека додека една гарнитура преферирала да ангажира преку консултантски услуги, друга ги преферира привремените вработувања. 

    Во периодот од 2011-2017 година, кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ, консултантските услуги имаат тренд на раст и зависност од изборните години, додека пак во периодот од 2018-2023 година, кога на власт е СДСМ, раст се забележува кај привремените вработувања, и минимално учество на консултантските услуги. Точката на промена е во 2017 година, кога воедно има и промена на власт.

    Анализата на вработувањата, консултантските услуги и другите договорни услуги се базира на јавно достапни податоци за остварени буџетски трансакции од open.finance.gov.mk за период од 2010 до 2023 година и на податоци за број на редовно вработени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за период од 2015 до 2023 година. Изработена е од Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од НДИ, а финансиран од  Националната фондација за демократија.

    Анализата покажа и дека во 2023 година се забележува значително намалување на бројот на вработени и негово враќање на нивото од 2015 и 2017 година, но со забелешка дека покрај политичките процеси на вработувањата во јавниот сектор влијаат и други движења како отселувањето, преодот на работната сила во приватниот сектор, здравствените и економските кризи и слично. 

    Исто така, интересно е движењето на другите договорни услуги со фокус на договорите на дело во периоди на промена на владејачките гарнитури.

    „Другите договорни услуги, со фокус на договорите на дело имаат најголемо покачување при промената на власта на централно ниво во 2016 година. По одреден период нивото на ваков вид на услуги драстично се намалува, а гледаме повторно зголемување при формирањето на нова влада. Можна причина е потребата од брз ангажман на договорни услуги за одредени сегменти (СЈО, Совет за јавни набавки итн.) по што ваквите услуги стануваат дел од редовното работење и се набавуваат преку соодветни буџетски ставки. Ова е очекувано ако се земе предвид дека оваа буџетска линија е предмет на најшироко толкување, па новите влади можат да ја користат за брзо ангажирање на потребните кадри за спроведување на одредени реформи, пред истите да бидат соодветно распоредени во следните државни Буџети кои ќе ги креира новата Влада“, се вели во соопштението за анализата.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира