Кога влегоа специјалните сили во прес-центарот, јас лично не знаев дали ќе нè спасуваат или ќе нè носат негде да нè утепаат, сведочеше скопскиот градоначалник Петре Шилегов, поранешен пратеник, на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Тоа го мислел поради, како што кажа, пропустите таа вечер на полицијата.
„Гледав како 5-6 полицајци со шлемови на главата ја пуштаат дивата орда да влезе да нè убива“, кажа Шилегов.
Шилегов на почетокот на сведочењето кажа дека ходниците во Собранието се како Пентагон и дека некој мора да им кажал на напаѓачите како да стасаат до прес-центарот, а тоа таа вечер се случило за две минути.
„Дива орда од 50 луѓе влезе во прес-центарот и почна со сè и сешто да мава по нас. Сите напади врз нас од правен аспект, а мислам дека сум компетентен во таа област, беа напад врз животот. Кога ќе удрите некој со предмет тежок 12 килограми, тоа е ладно оружје. Кога ќе земете шипка од јарбол и ќе бодете со неа, тоа е ладно оружје. Првиот напад беше најгаден. Состојбата малку се смири кога обезбедувањето на Оливер Спасовски испука во воздух откако ги предупреди дека ќе пука. Но, нападите продолжија цело време“, сведочеше Шилегов на денешното рочиште на судењето, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.
Шилегов кажа дека видел две лица како држат пиштол, но не може да ги идентификува оти носеле качулки на главите.
„Ни се закануваа со секакви зборови, ’кај ќе бегаш сега Шилегов, семката ќе ти ја сотреме, децата ќе ти ги убиеме, предавник‘. Негде после 20 часот, ова го паметам оти тогаш успеав да ја прочитам пораката од сопругата, слушнав шок бомби и влезе чад во просторијата. Прво влегоа алфи, кои ни рекоа ’сега ќе ве спасат‘, па влегоа специјалните сили на МВР. Јас мислев ќе нè утепаат, ама за среќа не нè убија. Ни рекоа да ставиме нешто мокро на уста поради чадот. Среќа кошулите на сите ни беа испотени, па нив ги ставивме за да се заштитиме од чадот“, сведочеше Шилегов.
Откако биле извадени од прес-центарот, како што раскажуваше Шилегов, биле однесени во канцеларијата на Влатко Ѓорчев, кој претходно додека групата ги тепала, застанал пред пратениците и бил тампон зона, а повеќето од напаѓачите ги знаел по име.
„Аце, обезбедувањето на Оливер Спасовски, колабираше и за него успеавме да најдеме возило да го однесат во болница. Беше предложено и претседателот Заев, пратениците кои имаа најмногу повреди и јас, со оглед на мојата здравствена состојба, имам 5 стента, да одиме со тоа возило. Но, рековме дека сите заедно ќе излеземе“, рече Шилегов.
Потоа биле однесени во касарната во Ѓорче Петров каде што веќе биле пратениците на ВМРО-ДМПНЕ. Шилегов рече дека никој од нив не ги прашал како се, иако ги гледале со крвави глави, модрици, исекотини, искинати алишта, ниту им понудил вода.
„Ќе кажам чесен суде, дека тоа таа вечер беше кулминација на добро смислена акција која траеше со месеци. Ни доаѓаа пред домовите, пишуваа дека сме предавници, лепеа плакати. Јас од таа вечер имав три хематоми на главата, расекотини, модрици и повреда која не е физичка. Повреда кога ќерка ми, која тогаш имаше неполни 14 години, преку ноќ таа вечер загуби половина коса, бидејќи преносот на телевизија бил прекинат и не знаеле дали сум жив“, кажа на сведочењето Шилегов.
Пред Шилегов, денеска сведочеше пратеникот Мухамед Зекири, а утре прв ќе сведочи Никола Тодоров, па ќе следуваат Весел Мемеди, Зоран Заев и Оливер Спасовски.
А. АНТЕВСКА