КОЛКУ ПОМАЛКУ СЕ ПИЈАТ АЛКОХОЛ И ЗАСЛАДЕНИ ПИЈАЛАЦИ, ТОЛКУ Е ПОЗДРАВО, АПЕЛИРААТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ

    КОЛКУ ПОМАЛКУ СЕ ПИЈАТ АЛКОХОЛ И ЗАСЛАДЕНИ ПИЈАЛАЦИ, ТОЛКУ Е ПОЗДРАВО, АПЕЛИРААТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ ЗА ПРАЗНИЦИТЕСпоред СЗО, за лицата на возраст од 15 до 39 години, нема здравствени придобивки од пиењето алкохол, туку само здравствени ризици. (Фото: АП)

    Треба да се внимава и со исхраната и пиењето за време на празниците и да се обрне внимание на правилна хидратација, се дел од препораките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Велат, ова „опуштање“, за жал, не е „ајде, само денес“, туку трае околу триесет дена.

    Слатките пијалаци кријат кисела вистина, вели Институтот. Пиењето вакви пијалаци е една од главните причинители за зголемената преваленца на дебелина, дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести, забен кариес и други здравствени проблеми. На пример, во  Македонија, податоците од Иницијативата за следење на дебелината кај децата покажуваат дека пиењето засладени безалкохолни пијалаци повеќе од 3 пати неделно е застапено кај 45% од момчињата и 37% од девојчињата.

    Водата треба да биде прв избор, да не се купуваат и складираат засладени пијалаци дома, да се пие млеко, јогурт, кефир, газирана минерална вода без вкус (арома), чај или домашно цеден сок без додаден шеќер.

    Светската здравствена организација (СЗО) апелира дека ниту едно ниво на пиење алкохол не е безбедно за здравјето. Меѓународната агенција за истражување на ракот, алкохолот го класифицира како токсична, психоактивна супстанца која создава зависност и канцерогена супстанца  со која се каузално поврзани седум видови на рак: на устата, грлото, душникот, хранопроводот, црниот дроб, дојката (жени) и дебелото црево. На глобално ниво, алкохолот придонесува за 3 милиони смртни случаи и е одговорен за 5,1% од глобалното оптоварување на болести и повреди. Дури 13,5% од сите смртни случаи кај оние на возраст од 20-39 години се припишуваат на алкохол.

    Пиењето алкохол е поврзано со 740.000 нови случаи на рак секоја година на глобално ниво. Сепак, најновите достапни податоци покажуваат дека половина од сите видови рак што се припишува на алкохол во Европскиот регион на Светската здравствена организација (СЗО) се предизвикани од „лесно“ и „умерено“ пиење алкохол – помалку од 1,5 литри вино или помалку од 3,5 литри пиво неделно.

    Според некои студии, лесно до умерено пиење (1-2 алкохолни единици на ден) алкохол има ограничен заштитен ефект врз инциденцата на кардиоваскуларни болести, и тоа, за лица над 40 години. Сепак, заштитните ефекти на умереното пиење исчезнуваат при епизоди на висок внес на алкохол, што го зголемува ризикот од сите кардиоваскуларни заболувања. А за лицата на возраст од 15 до 39 години, нема здравствени придобивки од пиењето алкохол, туку само здравствени ризици.

    „Не можеме да зборуваме за таканаречено безбедно ниво на пиење алкохол. Без разлика колку пиете, ризикот по здравјето на оние кои пијат алкохол започнува од првата капка. Единственото нешто што можеме да го кажеме со сигурност е дека колку повеќе пиете, толку е поштетно – или, со други зборови, колку помалку пиете, толку е побезбедно“, вели д-р Карина Фереира-Боргес, в. д. раководителка на Единицата за управување со незаразни болести и регионален советник за алкохол и недозволени супстанции на СЗО.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира