КОМИСИЈАТА ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА ЌЕ ЈА РАЗГЛЕДУВА БРЗАТА ЛЕНТА ЗА ВЛЕЗ ЗА УСПЕШНИ МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ОД СТРАНСТВО КОЈА ЈА ВОВЕДЕ ОСМАНИ

    КОМИСИЈАТА ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА ЌЕ ЈА РАЗГЛЕДУВА БРЗАТА ЛЕНТА ЗА ВЛЕЗ ЗА УСПЕШНИ МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ОД СТРАНСТВО КОЈА ЈА ВОВЕДЕ ОСМАНИМинистерот Османи смета дека нема ништо спорно во проектот туку напротив им се искажува почит и внимание на овие луѓе. (Фото: Фејсбук)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе ја разгледува одлуката на министерот за надворешни работи Бујар Османи, 69 македонски граѓани кои живеат и работат во странство, како носителите на МКарта да минуваат по брза лента на аеродромите во Скопје и во Охрид.

    Го имаме на радар овој случај. На првата наредна седница која ќе се одржи после празниците ќе се разгледува дали има дискриминација во одлука на Министерството за надворешни работи“, изјави Исмаил Камбери, претседател на Комисија за спречување и заштита од дискриминација.

    Министерот Османи смета дека нема ништо спорно во проектот туку напротив им се искажува почит и внимание на овие луѓе.

    Како министер за надворешни работи кој ја покрива дијаспората ми беше важно како нашите влијателни луѓе да ги ставиме во функција на државата. Затоа, направив мрежа на наши успешни луѓе кои живеат во странство, кои ќе ги имаме постојано во контакт, ќе се состануваме еднаш годишно, ќе ги носиме тука на семинари и средби. Кога преку нашите амбасадори им дадовме МКарта како доказ дека се дел од нашата мрежа, не беше намерата да имаат некакви привилегии. Јас проценив дека треба како знак на почит да направиме симболични мерки, како на пример, да влезат во музеите бесплатно. Зар мислите дека ним им значи дали ќе платат 50 денари за карта, но симболиката е дека им правиме чест. Во тој пакет на мерки рековме да се искористат и брзите ленти за носители на дипломатски пасоши. И тоа ништо не им значи на овие 69 луѓе кои ќе дојдат еднаш годишно на скопскиот аеродром, ниту пак на некој ќе се одрази. Критикувајте ме на оваа тема, но јас стојат зад одлуката и сметам дека треба да се даде почит“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг по повод претседавањето со ОБСЕ.

    МНР на 2 јануари, кажа дека „проектот МКарта е претставен во мај 2021, како признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и промоција на Северна Македонија во странство“.

    Претставувајќи ја погодноста Османи тогаш рече дека проектот МКарта преставува мрежа на „наши квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во новата средина во која живеат, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат Северна Македонија. Забрзаниот премин на нашите аеродроми, кое се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, претставува симболично препознавање на нивниот труд и квалитет и благодарност на нашите институции и држава“. Додаде дека меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници, за кои „имаме желба и интерес да бидат дел од нашиот севкупен развој и општествени процеси“.

    МНР кажа дека дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство се задолжени да ги детектираат таквите поединци, а изборот кој ќе биде носител на МКарта се реализира во строго предвидена процедура. Досега таква можност добиле 69 наши државјани, припадници на дијаспората.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира