КОМИСИЈАТА ЗА НАГРАДАТА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ЗАДОЦНИЛА 60 ДЕНА ОТИ СОБРАНИЕТО ГО ПРОМАШИЛО РОКОТ

    КОМИСИЈАТА ЗА НАГРАДАТА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ЗАДОЦНИЛА 60 ДЕНА ОТИ СОБРАНИЕТО ГО ПРОМАШИЛО РОКОТОд Министерството за образование велат дека тие уште минатата година пратиле предлог за членови на комисијата за доделување на наградата „Гоце Делчев“ до Собранието, но дури во февруари го добиле решението и поради тоа бил пробиен рокот за објавување конкурс за наградата. - Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски (Фото: СДК.МК)

    Попладнево до САКАМДАКАЖАМ.МК пристигна одговор од Министерството за образование и наука дека недоделувањето на годишната државната награда „Гоце Делчев” за наука се должи на неисполнување на обврските на Собранието.

    Комисијата за избори и именувања со која раководеше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ блокираше избор на регулаторни тела, комисии, агенции… па истото го сторила и со комисијата за доделување на оваа традиционална и единствена државна награда што им се дава на научници за значајни остварувања и резултати од минатата година.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не го стави Димовски на пратеничката листа за претстојните парламентарни избори.

    „Имајќи го предвид истечениот мандат на членовите на Oдборот за доделување на државната награда ‘Гоце Делчев’, уште во текот на минатата година МОН достави предлог за именување на нови членови до Комисијата за именување во Собранието. Но, поради застој на работата на оваа комисија, решението во МОН пристигна кон крајот на февруари, со што беше пропуштен рокот (1 јануари) за објавување на Конкурс за доделување на наградата, кој е дефиниран во правните акти за доделување на оваа и воопшто на државните награди”, ни одговори Министерството.

    Веднаш потоа новоформираната комисија се состанала за да ги разгледа можностите и да ги дефинира насоките за понатамошно постапување околу доделувањето на наградата до крајот на оваа година.

    За сите одлуки на комисијата кои таа ги споделува со МОН, јавноста навремено ќе биде информирана, вели Министерството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира