ЗА ПАНДЕМИЈАТА БАРАМЕ СПАС ВО НАУКАТА, А ДРЖАВНАТА НАГРАДА ЗА НАУЧНИЦИ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ НЕ СЕ ДОДЕЛИ НИ ГОДИНАВА, РЕАГИРА АКАДЕМИК ВЛАДО КАМБОВСКИ

    ЗА ПАНДЕМИЈАТА БАРАМЕ СПАС ВО НАУКАТА, А ДРЖАВНАТА НАГРАДА ЗА НАУЧНИЦИ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ НЕ СЕ ДОДЕЛИ НИ ГОДИНАВА, РЕАГИРА АКАДЕМИК ВЛАДО КАМБОВСКИАкадемик Камбовски реагира дека штом е нешто обврзувачко со закон, треба да се почитува. Оној кој постапил спротивно на законот, во случајов Законот за доделување на државна награда, треба да одговара. Во Кривичниот законик има и пропишани казни за службени лица кои не ја извршуваат својата должност, упатува тој (Фото:СДК.МК)

    Државната награда „Гоце Делчев“ не се додели ни годинава, а за причините молчи министерот за образование и наука Арбр Адеми. Последен пат оваа награда која се дава на научници, доделена е во 2018 година на денешен ден, кога во 1903 година великанот Гоце Делчев бил убиен.

    „Ова е единствената награда која им се дава на луѓето од областа на науката. Сведоци сме дека науката во овој период во борба со пандемијата од коронавирус стана водечка. Сите се повикуваме на медицинската наука за да се спасиме од пандемијата. Ова е начин да им се оддолжиме на научниците со давање на општествено признание, и така друго нема ништо да добијат“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК академик Владо Камбовски, за кого не е јасно зошто втора година по ред доделувањето на традиционалната награда, која е ставена и во Законот за државни награди, се прекина.

    Тој вели дека штом е нешто обврзувачко со закон, треба да се почитува. Оној кој постапил спротивно на законот, треба да одговара. Во Кривичниот законик има и пропишани казни за службени лица кои не ја извршуваат својата должност, упатува тој.

    Со наградата „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Република Северна Македонија. Наградата се доделува за научно остварување објавено во претходната година. Наградата под услови определени со Закон за државните награди се доделува на поединци или на група творци од земјата или од странство.

    Во текот на работното време денеска, од кабинетот на министерот Адеми не добивме одговор зошто како лани, воопшто ни оваа година не беше распишан конкурс.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари