КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ДА ГО ПРЕИСПИТА ПРЕДЛОГОТ ЗА ПОЛИЦИСКИ ЧАС, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ДА ГО ПРЕИСПИТА ПРЕДЛОГОТ ЗА ПОЛИЦИСКИ ЧАС, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАВладата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки. - Премиерот Оливер Спасовски (архивска фотографија)

    Владата на денешната седница донесе заклучок да се воведат засилени контроли во критичните места, каде што има поголем број новозаразени со коронавирус и, согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести, соопштија од Владата. Комисијата за заразни болести ѝ предложи на Владата да воведе полициски час од 22 до 5 часот во жариштата со КОВИД-19.

    „Владата на Република Северна Македонија на денешната 63-та седница во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19 заклучи да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја на градот Скопје и општините во градот Скопје, потоа во околните скопски општини Арачиново, Студеничани, Илинден, Петровец и Зелениково, како и во општините Куманово, Липково, Штип и Карбинци, Тетово и тетовски општини Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани. Согласно овој заклучок, предлогот за воведување рестриктивни мерки ќе биде повторно разгледан во Комисијата за заразни болести“, се вели во владиното соопштение.

    Од Владата додаваат дека се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Инспекцискиот совет и Финансиската полиција да изготват посебни акциски планови за контрола и за спречување на отстапувањето на мерките за заштита, како и санкционирање на секое непридржување до донесените мерки.

    Владата, исто така, заклучи Државниот здравствен и санитарен инспекторат во секое решение за изолација што ќе биде донесено да стои дека е задолжително инсталирање на апликацијата СтопКорона заради поголема прегледност и контрола со цел превенција на ширењето на коронавирусот, а секое прекршување на одредбите од решението за изолација да биде санкционирано со државен карантин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира