Комисијата за зaразни болести воопшто не ѝ предложила на Владата датум за отворање на границите и аеродромите без тестови и задолжителен карантин, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Членовите на комисијата биле изненадени од синоќешната владина одлука за отворање на границите од петок, а аеродромите од идната среда. Исто така, комисијата не препорачала датум ниту за отворање на теретаните, како и за внатрешноста на кафеаните, како едни од најризичните места за пренос на коронавирусот, поради високите бројки на новозаразени.
На прашање дали е вистина дека Комисијата за заразни болести на Владата ѝ предложила датум за отворање на границите и аеродромите, без никакви рестрикции д-р Жарко Караџовски, претседател на комисијата, кусо одговори: „За тоа ќе го прашате премиерот.“
Комисијата препорачала отворање на границите без ограничувања, но планирале допрва да се разговара за конкретен датум за отворање на границите и аеродромите и воопшто не го предложила 26 јуни (петок) како датум, како што изјави утринава премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција.
По објавување на текстот, Министерството за здравство информираше дека на состанокот на Комисијата за заразни болести од 22 јуни 2020 година, Комисијата донесе одлука за препорака за отворање на границите. Од министерството не демантираа дека Комисијата за заразни болести не препорачала конкретен датум за целосно отворање на границите.
За работата на трговските центри во недела и внатрешноста на угостителските објекти пак, воопшто не било ни дискутирано.
„Таму кај што е гужвата, таму е заразата“, вели извор од комисијата.
Оттаму велат дека се донесени протоколи за отворање на аеродроми, граници и теретани, меѓутоа Комисијата не препорачала датум за нивно отворање, затоа што бројките што ги кажува епидемилошката статистика уште не дозволуваат опуштање.
Спасовски утринава рече дека отворањето на границите без никакво ограничување и почнување со работа на аеродромите не е политичка одлука донесена во пресрет на изборите, туку, е донесена по анализите и препораките на Комисијата за заразни болести.
Вицепремиерот Бујар Османи вчера на Фејсбук напиша дека е време да се отвораат аеродромите и границите без никакви ограничувања.
М. ИЛИОСКИ