КОМПЛИКАЦИИ СО ОСТАВКИТЕ ВО ДИК, ИЗБОРОТ НА НОВИ ЧЛЕНОВИ ЌЕ СЕ БЛОКИРА ВО СОБРАНИЕТО

    КОМПЛИКАЦИИ СО ОСТАВКИТЕ ВО ДИК, ИЗБОРОТ НА НОВИ ЧЛЕНОВИ ЌЕ СЕ БЛОКИРА ВО СОБРАНИЕТОЗасега не се знае кога претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја закаже седницата за констатирање на оставките на осуммината членови на Државната изборна комисија. (Фото: М. Златевска)

    Констатирањето на оставките на осуммина членови на Државната изборна комисија (ДИК) може да се закаже на првата наредна седница на Собранието. За в петок, претседателот на Собранието Талат Џафери веќе има закажано собраниска седница на која треба да се донесе Буџетот за 2018 година.

    Според собранискиот Деловник, Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува на денот на одржувањето на седницата.

    По констатирањето на оставките, претседателот на Собранието Талат Џафери во рок од три дена треба да ги извести политичките партии од власта и од опозицијата за да му достават предлози за членови на ДИК. Кога ќе се закаже седница, одлучува претседателот на Собранието.

    Ако политичките партии не ги утврдат и не ги достават имињата на кандидатите за членови на ДИК во рокот, членовите на ДИК ги предлага собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Собранието распишува оглас за изборот на претседателот и членовите на Државната изборна комисија во „Службен весник“ и во дневниот печат. Огласот трае осум дена од денот на објавувањето во „Службен весник”.

    Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието ги утврдува предлозите од пријавените кандидати на конкурсот и ја доставува до Собранието. Но, постапката може да се комплицира при изборот на тројцата експерти кои се бираат на конкурсот и треба да бидат непартиски.

    Во актуелната ситуација, каде ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира работата на Собранието, поради притворањето на нивни пратеници, осомничени дека учествувале во организираниот напад на Собранието на 27 април, партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека пак може да биде голем проблем изборот на нов состав на ДИК.

    „Во 2015 година беше блокиран изборот на ДИК. Се комплетира на 15 декември. Со Договорот од Пржино, кога се измени Изборниот законик со кои измени како членови во ДИК се ставија и независни експерти, се одблокира работата. Тогаш власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а опозиција СДСМ. Сега улогите се променија. Власт е СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ опозиција, и пак се комплицира изборот на ДИК. Според Пржинскиот договор, експертите треба да бидат прифатливи за партиите потписнички на Договорот, се бираат на конкурс, а треба и двотретинско мнозинство за избор. Политичката ситуација вели дека ќе треба долго време да помине за преговори за повторно да се избере нова ДИК“, велат извори од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Државната изборна комисија брои девет члена, претседател, потпретседател и седум членови. Од нив шестмина се на предлог на партиите, а тројца се од редот на експертите. Членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство. Мандатот им е пет години, со можност за реизбор.

    Силвана Бонева и Сашо Срцев, членови на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ, претседателот на Комисијата Александар Чичаковски, и членовите Атанас Урумов и Реџеп Прекопуца поднесоа оставки по аферата со нетранспарентното делење бонусите што минатата недела ја откри американскиот амбасадор Џес Бејли.

    Во ДИК остана само Ермира Асани-Салија, предложена од Движењето Беса која беше избрана непосредно пред локалните избори. Оставките на членовите на ДИК, следуваат откако на 4 декември американскиот амбасадор Џес Бејли, откри дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори кои штотуку завршија, а претходно дополнителено добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година.
    По притисокот од јавноста, ДИК одржа јавна седница на 5 декември на која членовите најавија дека ќе ги донираат бонусите во хуманитарни цели.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира