Во Собранието денеска во 10 часот заклетва пред собранискиот спикер Талат Џафери треба да дадат новоизбраните седум членови на Државната изборна комисија (ДИК), кои ќе имаат мандат само шест месеци и кои треба да го спроведат референдумот за името. По заклетвата, во текот на денот тие треба да го дознаат и референдумското прашање за членство на Македонија во ЕУ и НАТО со името Република Северна Македонија, според Договорот со Грција.
Најпознат за јавноста од овие ново-стари членови на ДИК се Борис Кондарко од СДСМ, кој беше нејзин претседател од 2011 до 2013, и Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ, кој порано беше пратеник и ексдиректор на Македонски железници – транспорт. Дерковски во овие шест месеци ќе ја свикува и води комисијата.
Во септември кога ќе течат подготовките на ДИК за референдумот, Кондарко ќе треба и да сведочи на суд, во случајот „Титаник 2“, за злоупотреба на службената положба и овластувањата на неговите бивши колеги: Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Елизабета Стефанова и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, кои без основ гласале да се поништи гласањето во првиот круг на локалните избори 2013 во Струмица, бидејќи Зоран Заев го победи Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето било по наредба на обвинетиот Сашо Мијалков, за што веќе беа пуштени бомби. Во бомбите Кондарко се слуша како бара логика и причини за прегласувањето, но овие четири лица го надгласуваат.
Во ДИК како советник работеше Јанаќе Витаноски, а сега тој е избран за член, на предлог на СДСМ. Беше поранешен член на Комисијата за лустрација, кој излегуваше од седниците постојано, за им каже на новинарите дека внатре се линчуваат недолжни луѓе.
Дитмире Шеху е избрана на предлог на ДУИ, ќе биде заменик – претседател. Таа е адвокат од Гостивар, работела и во кабинетот на поранешниот градоначалник Невзат Бејта, а потоа и секретар на Општината. Изборниот процес не и е непознат. Таа била секретар и на Општинската изборна комисија во Гостивар, на неколку избори.
Енвер Саљихи е член на ДИК од тетовското крило на БЕСА. Тој е од Куманово, работел во адвокатска канцеларија, а подоцна е вработен во Агенцијата за катастар во Скопје.
Преостанатите новоизбрани членки на ДИК Елизабета Постоловска, предлог на ВМРО-ДПМНЕ и Радица Ристеска, предложена од СДСМ, не се познати во јавноста. Постоловска има завршено правен факултет и работела во Министерството за финансии и во Адвокатската комора. Ристеска е пензионирана судијка од Основниот суд во Охрид, а во 2005 била претстедател на Општинската изборна комисија за Општина Дебрца.
С. К. ДЕЛЕВСКА