Консензуалниот кандидат за претседател на Република Македонија, според премиерот Зоран Заев треба да ја ужива поддршката од мнозинството граѓани, и да ги нема слабостите на сегашниот претседател, од аспект на мултикултурализмот и европските и НАТО интеграциите. Тој кажа дека во внимателна постапка со почитување на процедурите, но и мислењето и на граѓаните и од анкетите ќе го изберат кандидатот за претседател.
„Консензуалниот кандидат не треба да биде договор меѓу Заев и Ахмети или Ахмети и Африм Гаши, или Самка и не знам кој. Тој треба да биде поддржан од мнозинството граѓани. Отворени сме во коалицијата, ќе го чуеме мислењето и на граѓанските организации и на дел од опозициските партии и ќе донесеме мудра одлука. Имиња има пуштени веќе во јавноста, ќе се разговара и дебатира се без суети и предрасуди. Јас не се кандидирам, јас сум надвор од конкуренција“, рече Заев на прес-конференција во Влада за инвестиции во патишта.
Тој кажа дека во петок почнуваат дебата во централниот одбор на СДСМ дали со претседателските избори ќе има и вонредни парламентарни избори.
„Во петок може да има само дебата, а неколку дена подоцна да се донесат одлуките или да се донесе одлуката. Но, сигурно ќе отпочнеме со номинирање на кандидати за претседател на државата и за градоначалници на Дебар, Охрид и Ново Село“, рече Заев.
Тој смета дека ако се гледа интересот на државата не треба да има парламентарни избори, бидејќи со тоа се губат од три до шест месеци најмалку додека да профункционираат институциите, но додаде дека не е неосновано и размислувањето да има парламентарни избори.
„Македонија трпеше прекинување на мандати, даваат, па не даваат мандат, преговори за состав на Влада, па за министри, и од тој аспект губи државата. Ако гледаме чисто партиски парламентарни избори според сите анкети ни одговараат, но државата од 3 до 6 месеци ќе изгуби. Но, не е неосновано размислувањето и за самите избори“, рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА