Европската комисија попладнево ќе го презентира извештајот за напредокот во реформите на Северна Македонија и во него е забележано дека е потребно да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители инволвирани во спречувањето и борбата против корупцијата, бидејќи корупцијата е сеприсутна во многу области, според делови од извештајот до кои дојде државната агенција МИА.
Во извештајот се вели и дека борбата против корупцијата, исто така темелен дел од процесот на интеграција во ЕУ, бележи добар напредок во делот на истрага, гонење и судење на високопрофилни корупциски предмети, а посебно се поздравува работата на Антикорупциската комисија. Се поздравува и работата на Судскиот Совет, за кој се вели дека задачите ги врши на проактивен начин, додека механизмите за обезбедување независност на судството, отчетност, дисциплинските процедури и спречувањето на конфликтите на интереси се подобрени.
Според Европската комисија, слабост на Северна Македонија е и спроведувањето на законодавството за спречување на говор на омраза, а се критикува и фактот што нема вистински независни истражители за вршење на ефикасен надзор врз работата на полицијата кој ќе овозможи ефикасно справување со феноменот на неказнивост во полицијата. Се вели и дека се потребни итни мерки за подобрување на состојбата во затворите и изнаоѓање алтернативни решенија за притвор и затвор.