УРИВАЊЕТО НА ЌОСЕТО ЌЕ ЧЕКА ЗАЕВ ДА СЕ ВРАТИ ОД ЊУЈОРК

    УРИВАЊЕТО НА ЌОСЕТО ЌЕ ЧЕКА ЗАЕВ ДА СЕ ВРАТИ ОД ЊУЈОРКСпоменикот со кама в рака на Андон Јанев - Ќосето, контроверзен лик познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, стои пред Врховниот суд (Фото: СДК.МК)

    Што ќе се случи со спомениците и објектите од проектот „Скопје 2014“, ќе се знае откако премиерот Зоран Заев ќе се врати од Њујорк, каде ја предводи делегацијата на Република Македонија на 72. Генерално Собрание на Обединетите Нации, до 23 септември. Работната група за анализа на проектот „Скопје 2014“, која ја формираше Министерството за култура, веќе изготвила предлог сценарија за најспорните споменици, како што е оној на Андон Јанев – Ќосето кој стои пред Врховниот суд, и објектите кои сè уште се градат.

    Споменикот со кама в рака на Ќосето, контроверзен лик познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, е еден од петте кои се издигнаа на 7 септември, 2014  на различни локации во Скопје, а кои се донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

    Како што рече денеска министерот за култура Роберт Алаѓазовски, откако ќе се врати премиерот од Њујорк, анализата ќе биде презентирана на Владата и потоа ќе се објави во јавноста дали споменикот на Ќосето ќе биде отстранет и што ќе се случи со градбите кои се во тек, како што е споменикот на Мајка Тереза, а за кои треба да се доплатат милионски суми.

    „Ова е сложен и комплексен процес. Петчлената комисија која ја формиравме во неколку фази го разгледува проектот ‘Скопје 2014’. Приоритете имаат најспорните, како што е споменикот на Ќосето и објектите во градба. Јас сега заминувам во работна посета во Кина, премиерот Заев  е во Њујорк. Откако ќе се врати премиерот, можните сценарија кои ги претставиме пред Владата и за една недела ќе ве информираме што се решенијата и што сме одлучиле. Сега не би сакал да ги објавувам сценаријата оти станува збор за затворен документ“, рече министерот Роберт Алаѓазовски, кој денес даде отчет за сработеното во првите 100 дена на Министерството за култура.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира