Коста Крпач, кој на 27 април годинава беше пронајден мртов во неговиот стан во Капиштец, со прострелна рана во градите, извршил самоубиство, покажала предистражната постапка на Основното јавно обвинителство Скопје.
Во краткото соопштение од Јавното обвинителство се вели дека иако предистражната постапка е тајна, тие ја споделуваат оваа инфромација со јавноста за да ги отстранат шпекулациите околу околностите за смртта на Крпач.
„Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека од досегашниот тек на предистражната постапка во предметот за починатото лице К.К., е утврдено дека станува збор за самоубиство. И покрај тајноста на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје за утврденото ја известува јавноста заради отстранување на шпекулациите. Постапката по предметот во Обвинителството и понатаму тече за утврдување на причините и на околностите под кои настапила смртта на лицето К.К.“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Коста Крпач беше едно од 56-те лица помилувани од претседателот Ѓорге Иванов. Како што соопшти Специјалното јавно обвинителство, еден ден по настанот, тој бил сведок во една од предистражните постапки што ги водело СЈО, но не и осомничен. Поради ова СЈО јавно побара од претседалот Иванов да каже како Крпач се нашол на неговиот список на аболирани лица.