Суза Николовска, член и донатор на ВМРО-ДПМНЕ, шумарски инженер, сведочеше денеска во процесот „Плацеви на Водно“, на повик на обвинителката Лиле Стефанова.
Николовска на прашање на обвинителката одговори потврдно дека вршела партиска функција, член е на ВМРО-ДПМНЕ од 2002 година. Донирала во ВМРО-ДПМНЕ и до 200 илјади денари, еднаш 60 илјади, а цело време плаќала членарина.
Овие големи донации го дала во 2010 година додека била советник во општина.
„Ги дадов на благајна во локалната власт, каде што бев и советник, во општина Гази Баба. Ги дадов со ‘каса прими’. Не се сеќавам дали беше назначено за која цел. Не знам кој располагаше потоа со парите”, одговори сведокот, а Стефанова кажа дека е доволно и не ја испрашува повеќе.
Адвокатот на избеганиот Никола Груевски, ја праша дали на рака давала пари и дали го познава Груевски, на што таа одговори дека не дала никому на рака и не го познава Груевски лично.
Сведокот Драги Огњановски, инженер, сопственик на градежна фирма, на прашање на Стефанова, раскажа како донирал 300 илјади денари во ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2006 година.
„Тогаш ми се јави градоначалникот на Гази Баба Коце Трајановски. Ние бевме градежна фирма, работевме за општината, која ни должеше пари. Трајановски ми побара да донирам 300 илјади денари за партијата. За сметка на тоа, ми рече дека ако дојдат на власт, нема да имаме никакви проблеми и дека ќе помагаат колку што може да помагаат”, одговори сведокот.
На вкрстено прашање на одбраната на обвинетите, сведокот кажа дека не го познава Груевски.
Како и претходниот сведок, и овој рече дека не знае каде отишле нивните донации.
„Ги дадов на Гордана Јанкулоска. Во старата жолта зграда ме однесе Коце Трајановски. Ги дадов на Јанкулоска со документ ‘каса прими'”, кажа сведокот.
Според обвинението за плацевите на Водно, партиски членови и многу фирми донирале во касата на ВМРО-ДПМНЕ, а со нив располагал само Никола Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тој со парите од донации и од членарини, испрани преку офшор фирма од Белизе, под друго име, купил 11 илјади метри квадратни плац и шума на Водно.
С. К. ДЕЛЕВСКА