КОВАЧЕВСКИ И ПЕТКОВ ЌЕ ИМААТ СРЕДБА ВО РИМ НА ЧЕСТВУВАЊЕТО НА СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

    КОВАЧЕВСКИ И ПЕТКОВ ЌЕ ИМААТ СРЕДБА ВО РИМ НА ЧЕСТВУВАЊЕТО НА СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈКовачевски придружуван од ќерката Тамара ќе ја предводи владината делегација во Ватикан. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Премиерот Димитар Ковачевски утре во Рим ќе има средба со бугарскиот премиер Кирил Петков. Средбата ќе се одржи како дел од програма за чествување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

    Како што информираа попладнево од Владата, Ковачевски придружуван од ќерката Тамара Ковачевска на 23 и 24 мај ќе предводи делегација во Италија и Ватикан во официјална и работна посета. Програмата на посетата на Светата Столица ќе ја започне на 23 мај со тет-а-тет средба со неговата светост папата Франциск.

    Програмата во Ватикан потоа продолжува со аудиенцијата кај папата Франциск на која заедно со премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на претседателот на Владата, Даријан Сотировски, директор на комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква.

    Премиерот Ковачевски потоа, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе имаат средба со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.

    Програмата во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, на 23 мај, делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија.

    На 24 мај официјалниот дел од програмата започнува со оддавање почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил на кој ќе присуствува целата делегација предводена од премиерот Ковачевски. Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија Марио Драги.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира