Премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг утринава разговараа за состојбата со и околу Украина и апелираат до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог. Ковачевски, на заедничката прес-конференција по средбата на почетокот на неговата дводневна посета на Брисел, кажа дека Македонија го поддржува предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија.
„Со генералниот секретар Столтенберг разговаравме за ситуацијата со и околу Украина, што претставува закана за европската и меѓународната безбедност. Како сојузник на НАТО се приклучуваме кон апелите до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог. Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбата на односите, на европската безбедност со фокус на Украина, транспарентноста, намалување на ризикот и контрола на оружјето. Целосно го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признаените граници. Како сојузници, ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција“, изјави Ковачевски.
Столтенберг рече дека секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и висока цена.
„Разгoваравме за односот на Русија кон Украина и нивното трупање на војници на границите. Има значително движење на руските воени сили кон Белорусија и ова е најголемото распоредување на сили од времето на Студената војна, со очекувани 30 илјади борбени трупи, специјални сили, борбени авиони и ракетни системи. Сето ова ќе се искомбинира со годишните нуклеарни вежби на Русија кои што се очекуваат токму во овој момент. НАТО продолжува да апелира до Русија да деескалира. Секоја натамошна руска агресија ќе има сериозни последици и висока цена. Сакаме да се вклучиме во значаен дијалог со нив, сакаме да работиме на односите со Русија, да го намалиме ризикот, да ја зголемиме транспарентноста и да ја спречиме пролиферацијата на оружје. Секоја нација има право да го избере својот пат, а НАТО покажа дека може да ги брани сите свои сојузници. Ние сакаме да најдеме политичко решение за кризата, но морам да бидеме подготвени за најлошото. Вчера САД најавија дека ќе распоредат сили во Германија, Полска и Романија и ова доаѓа како плус на сите досегашни нивни напори и распоредување на сили во НАТО командите. Ние веќе ја зголемивме подготвеноста на силите на НАТО и сметаме дека ќе треба да има дополнително распоредување во северниот дел на алијансата“, кажа генералниот секретар на НАТО.