БУГАРИЈА ЈА КИДНАПИРА УНИЈАТА, ОБЈАВИ РАМА ОТКАКО СО КОВАЧЕВСКИ И ВУЧИЌ СЕ КОНСУЛТИРАА ДАЛИ ДА ОДАТ ВО БРИСЕЛ НА САМИТОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН

    БУГАРИЈА ЈА КИДНАПИРА УНИЈАТА, ОБЈАВИ РАМА ОТКАКО СО КОВАЧЕВСКИ И ВУЧИЌ СЕ КОНСУЛТИРАА ДАЛИ ДА ОДАТ ВО БРИСЕЛ НА САМИТОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАНТројцата од „Отворен Балкан“ и црногорскиот премиер Абазововќ во Охрид на 8 јуни (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тројцата лидери од Отворен Балкан, Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ и Еди Рама, се консултираат меѓу себе дали да одат на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, кој треба да се одржи задутре, пред состанокот на лидерите на ЕУ. Конечната одлука ќе биде соопштена утре напладне, соопштија денеска Вучиќ и Ковачевски.

    Албанскиот премиер Еди Рама на твитер објави: „Целата Унија киднапирана од Бугарија не е убава престава за гледање“.

    Тројцата лидери денеска имаа вонреден состанок преку видеоконференциска врска.

    „Во пресрет на претстојниот ЕУ-Западен Балкан самит, денес одржавме вонреден состанок на Отворен Балкан заедно со моите колеги Александар Вучиќ и Еди Рама. Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел“, објави македонскиот премиер на Фејсбук.

    Истовремено, Вучиќ објави слично соопштение.

    „Разговарав утринава со Еди Рама и Димитар Ковачевски за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Се договоривме дека по консултација со нашите влади и советници, утре напладне да ја објавиме одлуката околу тоа дали ќе присуствуваме на овој собир“, кажа српскиот претседател.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира