Сите работници кои биле заболени од ковид-19 да добијат 100 отсто плата, бара Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР). Тие испратија иницијатива до Уставниот суд за утврдување на законитоста и уставноста на точка 408 од Правилникот за професионални заболувања (Сл. Весник РСМ бр. 118/20).
Од Здружението велат дека бараат од Уставниот суд да ја поништи оваа дискриминирачка одредба и да се донесе нова одредба со која секој работник кој работи на работни места, каде во согласност со Законот за безбедност и здравје на работа е утврдено постоење на зголемен ризик за заразување со коронавирусот и/или појава на болеста ковид-19, во случај на инфекција или заболување, да може да ги оствари своите уставно загарантирани права за безбедна работа и еднаквост.
„Целосно поддржуваме лекарите и целиот медицински персонал, како и ветеринарскиот и друг помошен персонал и во иднина да ги остваруваат своите права при заболување од ковид-19 како професионална болест, како што е сега утврдено. Но, многу е важно конечно да бидат прифатени предложените измени со цел обезбедување на уставно загарантираните права на сите работници, односно признавање на ковид-19 како професионално заболување за секој работник во земјата“, вели Здружението.
На овој начин секој вработен, наместо досегашните 70% ќе оствари право на боледување со надомест во висина од 100% од својата плата.
„Ваквиот пристап е многу важен, особено во време кога се бориме за зачувување на секое работно место и егзистенција за секој граѓанин“, вели Милан Петковски, претседател на МЗЗПР.
МЗЗПР во својата иницијативата до Уставен суд посочува и дека сите останати професии, кои се на првата линија во ковид пандемјата, како полициски службеници, припадници на Армијата, вработените во детските градинки и образованието, вработените во домовите за грижа на стари лица, службеници на шалтери, работници во малопродажба, се изоставени од оваа одредба, со што се врши нивна дискриминација и им се оневозможува користење на нивните права како работници.
„Истовремено, следејќи ги актуелните законски одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, МЗЗПР покрена и иницијатива за признавање на инфекцијата со САРС-КоВ-2 вирус и/или појавата на акутна болест Ковид-19 кај секој работник кој работи на работно место со зголемен ризик за инфекцијата и/или заболување, истото по автоматизам и веднаш да биде регистрирано како несреќа на работа. Ако ова се прифати, привременото отсуство од работа (боледувањето) тогаш ќе биде третирано како ‘несреќа на работното место’ и работникот ќе оствартува надоместок на плата во износ од 100% од износот на платата, за цело време на траење на боледувањето. Регистрацијата на инфекцијата и/или болеста ковид-19 како несреќа на работа, овозможува во понатамошниот период, доколку дојде до трајно влошување на здравствената состојба со последици по работна способност (пост-ковид, долготраен ковид и други форми на трајни здравствени последици), работникот да може, без други законски, административни и стручни проблеми, да го остварува правото на професионална болест, онака како што е тоа утврдено во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и изменетиот Правилник за Листата на професионални болести.
Поддршка за оваа инцијатива дале и Конфедерацијата на Слободни синдикати, Сојузот на Синдикати на Македонија, Здруженија на граѓани од областа на трудовото право, како и лекарите по медицина на труд и бојни инженери, стручни лица за безбедност при работа.
Б. НЕСТОРОСКА