КРИУМЧАР НА МИГРАНТИ ИЗБЕГАЛ ДОДЕКА ЧУВАРИТЕ ОД ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“ МУ КУПУВАЛЕ СЕНДВИЧ СО ПЛЕСКАВИЦА

    КРИУМЧАР НА МИГРАНТИ ИЗБЕГАЛ ДОДЕКА ЧУВАРИТЕ ОД ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“ МУ КУПУВАЛЕ СЕНДВИЧ СО ПЛЕСКАВИЦАДвајцата затворски чувари неможејќи да одолеат на популарните сендвичи, го оставиле незаклучен затвореникот кој искористил шанса и им избегал од комбето; - Затворот „Идризово“. (Фото: СДК.МК)

    МВР со помош на затворската полиција од „Идризово“ го бара низ Скопје и околината скопјанецот Фидан Асани, осуденик за разбојништво, криумчарење мигранти и предизвикување општа опасност, кој избегал утринава на враќање од Клиничкиот центар. Според изјавата на директорот на затворот „Идризово“ Боби Мојсоски, Асани избегал сам, без никаква помош, во моментот кога чуварите за себе и најверојатно за бегалецот купувале сендвичи со плескавици во киоскот во Автокоманда.

    „Двајцата чувари се веднаш суспендирани и тие ќе одговараат за својата немарност. Наспроти законската должност да се движат по дадената рута, тие скршнале од неа зашто им се пријало и кај средното училиште ‘Коце Металец’ застанале со затворското возило да купат сендвичи за нив и најверојатно за Асани. Додека ги чекале сендвичите, затвореникот си излегол од возилото и се упатил во непознат правец. Го бараме и ние и МВР“, вели директорот Мојсоски.

    Бегството затвореникот го извел сам, немало ни пресретнување со кола, ниту соучесници. Кога виделе дека го нема, чуварите, како што кажува директорот, едноставно останале да се чудат со сендвичите в раце.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира