КРИВИЧНА ЗА ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГУЛАТОРНА ПЕТРОВ, НА БЕГ МУ ОВОЗМОЖИЛ ДА НАПЛАТИ 6,6 МИЛИОНИ ЕВРА НА ШТЕТА НА ГРАЃАНИТЕ

    КРИВИЧНА ЗА ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГУЛАТОРНА ПЕТРОВ, НА БЕГ МУ ОВОЗМОЖИЛ ДА НАПЛАТИ 6,6 МИЛИОНИ ЕВРА НА ШТЕТА НА ГРАЃАНИТЕПоранешниот претседател на Регулаторна комисија за енергетика Димитар Петров и уште тројца вработени добија кривична пријава од МВР за кривично дело - Злоупотреба на службена положба и овластување. (Фото: МИА)

    Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривични пријави против поранешниот претседател на Регулаторна комисија за енергетика Димитар Петров, С. Ј. вработена како член на комисијата, В. К. вработен како член на комисијата до март 2017 и Е. М. В. вработена како член на комисијата до декември 2017, а поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, соопшти МВР.

    Од МВР велат дека со носење одлуки спротивно на Законот за енергетика, Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности и Правилникот за цени и системски услуги, Петров и останатите тројца осомничени му овозможиле на правното лице Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ (БЕГ), а на штета на граѓаните, да оствари противправна имотна корист во вкупен износ од 409.549.941 денари или 6.659.349 евра.

    Пријавените во својство на службени лица, претседател и членови на Регулаторна комисија за енергетика, со искористување на својата службена положба и овластување и со пречекорување на границите на своето службено овластување, постапиле спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности, при што во декември 2012 на три правни субјекти им доделиле лиценци за вршење на енергетски дејности (регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија), без при тоа да бидат исполнети условите и критериумите објавени во ноември 2012  со Јавен повик за избор на носител на лиценца за регулиран производител на топлинска енергија, Јавен повик за избор на носител на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија и Јавен повик за избор на носител на лиценца за снабдување на топлинска енергија.

    „Според документираните сознанија од истрагата тие, кршејќи ги одредбите од Законот за енергетика и Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности, во декември 2012 година, донеле Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност производство на топлинска енергија од страна на регулиран производител, на правното лице Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергја на правното лице Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ и Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија на правното лице Снабдување со топлина Балкан Енерџи Дооел. Покрај ова пријавените, од позиција на Претседател и членови на Регулаторна комисија за енергетика ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања и ги пречекориле границите на своите службени овластувања, и со тоа што во 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година, противправно и спротивно на Правилникот за цени и системски услуги, донеле Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход за производство на топлинска енергија за греење, надоместок за системски услуги и системска резерва и тарифен став за произведена топлинска енергија, Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход и тарифни ставови за вршење на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија и Одлука за утврдување на регулиран максимален приход за вршење на дејноста дистрибуција на топлинска енергија, со што на правните субјекти на кои претходно, противправно, им доделиле лиценци за вршење на енергетски дејности им се признавал трошок поголем од дозволениот и со тоа им било овозможено да остварат приход поголем од регулираниот дозволен максимален приход”, се вели во соопштението на МВР.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира