КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА 8 КАВАДАРЧАНИ КОИ ФАЛСИФИКУВАЛЕ 34.800 ДОЛАРИ И 4 ВРАБОТЕНИ ВО БАНКА КОИ ИМ ГИ МЕНУВАЛЕ ВО ДЕНАРИ

    КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА 8 КАВАДАРЧАНИ КОИ ФАЛСИФИКУВАЛЕ 34.800 ДОЛАРИ И 4 ВРАБОТЕНИ ВО БАНКА КОИ ИМ ГИ МЕНУВАЛЕ ВО ДЕНАРИВчера по наредба од Основен Суд Велес извршени се претреси во дом и други простории на вкупно 15 локации во Кавадарци и Лозово од кои девет во домовите на кривично пријавените лица и шест претреси во фирми сопственост на пријавените. - Портпаролот на МВР Тони Ангеловски (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 8 лица за фалсификување пари и четворица вработени во банка во Кавадарци за злоупотреба на службена должност.

    Портпаролот на МВР Тони Ангеловски денеска изјави дека 8 лица жители на Кавадарци против кои е поднесена кривична пријава набавиле долари, за кои знаеле дека се фалсификувани, и истите во неколку наврати, во периодот од 17 април до 3 мај ги менувале за денари во кавадаречката експозитура на една банка. Со тоа во оптек биле пуштени 34.800 фалсификувани долари, а тие се стекнале со противправна имотна корист во вредност од 1.727.545 денари.

    „Во извршеното кривично дело директно биле инволвирани и лица вработени во банката. Две банкарските службенички, знаејќи дека постапуваат противзаконски и надвор од процедурите за банкарско работење, со неизвршување на својата службена должност, без да направат задолжителна проверка на веродостојноста на банкнотите, ги примиле фалсификувани банкноти и ги замениле во денари на шалтерите во банката. Раководител и заменик раководителот на експозитурата со неизвршување на својата службена должност, односно без да извршат задолжителен надзор и контрола на работата на банкарските службенички, знаејќи ја намерата на лицата кои ги пуштиле лажните пари во оптек, овозможиле фалсификувани банкноти, да бидат проследени до трезорот на друга банка во Скопје“, рече Ангеловски.

    Вчера по наредба од Основен Суд Велес извршени се претреси во дом и други простории на вкупно 15 локации во Кавадарци и Лозово од кои девет во домовите на кривично пријавените лица и шест претреси во фирми сопственост на пријавените. При претресите како што велат од МВР биле пронајдени и привремено одземени вкупно: 1.239.010 денари, 3.700 евра, 384 американски долари, 420 англиски фунти, 50 швајцарски франци, 10 канадски долари. Исто така пронајдени и одземени се мобилни телефони, сим картички, како и документација поврзана со кривичното дело.

    „Лицата се лишени од слобода, а со поднесената кривична пријава истите се спроведени пред надлежен Јавен Обвинител во ОЈО Велес и Основниот Суд Велес.“, велат од МВР.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира