СУДOT ДЕНЕС ТРЕБА ДА ОДЛУЧИ ЗА ПРИТВОРОТ И ОДЗЕМАЊЕТО ПАСОШИ ШТО ГИ ПОБАРА СЈО ЗА „ТРЕЗОР“

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    СУДOT ДЕНЕС ТРЕБА ДА ОДЛУЧИ ЗА ПРИТВОРОТ И ОДЗЕМАЊЕТО ПАСОШИ ШТО ГИ ПОБАРА СЈО ЗА „ТРЕЗОР“

    Основниот суд Скопје 1 денес треба да одговори на барањето на Специјалното јавно обвинителство за одредување мерка притвор за едно осомничено лице и одземање пасоши за други три лица во врска со истрагата за предметот „Трезор“.

    Судот вчера првин ги врати предлозите на СЈО за одредување мерки за претпазливост за четирите лица, кои СЈО ги сомничи дека го оштетиле буџетот за над 862.000 евра, бидејќи судиите на претходна постапка не можеле да го отворат документот доставен на УСБ. Како што соопштија од Судот, меморискиот стик на кој било барањето на СЈО, бил кодиран и поради тоа не можеле да пристапат до предлозите.

    Потоа СЈО, доцна попладнето, пред завршување на работното време, истите предлози заедно со сите докази врз кои се засноваат предлозите ги достави до судот во фотокопија, информираа од Судот, и тие повторно се распоредени кај судиите на претходна постапка за понатамошно постапување согласно одредбите од Законот за кривична постапка.

    СЈО поднесе и трет предлог до Судот за донесување на привремена мерка – забрана за користење и располагање со трансакциската сметка на правнoто лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.

    Според Законот за кривична постапка, судијата на претходна постапка е должен без одлагање да го разгледа предлогот на обвинителството и веднаш да одлучи по него.

    Откако ќе биде изведен пред судијата во претходна постапка, што вообичаено се случува веднаш по поднесувањето предлог од обвинителството, во рок од шест часа на осомничениот треба да му се достави решението дали е одреден притвор или друга мерка за претпазливост. Во решението се назначува кога осомничениот е изведен пред Суд и кога го примил решението. Осомничениот има право на жалба до кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 во рок од 24 часа.

    Барањето за притвор е поднесено за „Трезор“, како што соопштија од СЈО, поради опасност од бегство, постоење на основан страв дека лицето ќе ја попречува кривичната постапка и постоење на особени околности кои го оправдуваат стравот дека лицето ќе го повтори делото.

    На завчерашната прес-конференција, СЈО соопшти дека покренало истражна постапка против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како ДТУ „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека станува збор за основано сомнение дека пари од буџетот преку злоупотреба на функции и злоупотреба на буџетот се искористени за лично богатење. Станува збор за набавка на електронска и комуникациска опрема од правно лице од Велика Британија.

    Управител на фирмата ДТУ „Финзи Дооел“ бил Коста Крпач, кој бил сведок на СЈО. Тој беше најден застрелан во својот стан во Скопје во април оваа година. Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека го чека записникот на СЈО со исказите на Крпач дека одредени лица му се заканувале „за да можат да го склопат мозаикот“ за да утврдат „што го натерало да посегне по својот живот“.

    Опремата што е набавена преку „Финзи“ не е уништена, кажа завчера специјалната јавна обвинителка Ленче Ристовска, одговарајќи на новинарско прашање. Обвинителката Ристовска рече и дека СЈО има обезбедено сознанија од покојниот Крпач, не само за оваа, туку и за други истраги.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира