Кривичниот суд Скопје ги ослободи обвинетите Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, во чиј поткаст гостинот раскажуваше за злоставување и силување девојка. Притоа, Павловиќ-Латас и Стефан Лазаров се смееја на насилството. Спорниот подкаст беше снимен, односно емитуван на 14 февруари 2023 година. Првично, двајцата добија осудителна пресуда во Кривичниот суд Скопје, но по поднесените жалби, судии од кривичниот оддел на Апелациониот суд Скопје ја укинаа пресудата и ја вратија на повторно судење.
Од Судот за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека во повтореното судење, судијката Дијана Груевска-Илиевска донела ослободителна пресуда. Двајцата се ослободени согласно член 403, став 1, точка 1 од Законот за кривична постапка. Според наведениот член, делото за кое се обвинети не е кривично дело.
Обвинителот Даниел Коцев ќе поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје.
По подкастот на 14 февруари 2023, Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) веднаш достави известување до скопското Обвинителство, беше отворена истрага, а подкастот беше отстранет од Јутјуб.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје пред надлежниот суд поднесе обвинителен предлог против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров за кривично дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г, став 1, во врска со член 22 од Кривичниот законик. Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство врз жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност кај јавноста.
„Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како подкаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на сексуално насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато без да изнесе морална осуда или каење, со што свесно го промовирал таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието на содржината што ја емитува, особено меѓу младата популација, сепак не го спречил ниту го прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан. По наредба на јавен обвинител, Секторот за компјутерски криминал при МВР го документираше и го обезбеди наведениот поткаст и целокупниот доказен материјал кој ги потврдува елементите на кривичното дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 5 години“, соопшти тогаш Обвинителството за поднесениот обвинителен предлог.
Беа изречени и мерки за обезбедување присуство на обвинетите; истиот овој суд што сега донесе ослободителна пресуда, претходно му го одзеде пасошот на Латас.
- СУДОТ МУ ГО ОДЗЕДЕ ПАСОШОТ НА ЛАТАС, А ЗАЕДНО СО ЈУТЈУБЕРОТ ЛАЗАРОВ ДОБИЈА ЗАБРАНА ЗА ЈАВНИ НАСТАПИ
- OБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА НА ЛАТАС ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ ПАСОШОТ ПОРАДИ ПРОМОВИРАЊЕ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИ, ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ И ЗА ЈУТУБЕРОТ ЛАЗАРОВ
- ПО ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД МВР, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА ИНТЕРВЈУТО НА ЈУТУБЕРОТ СТЕФАН ЛАЗАРОВ СО ДРАГАН ПАВЛОВИЌ-ЛАТАС ВО КОЕ ТОЈ ОПИШУВА КАКО СИЛУВАЛ ПРЕТЕПАНА ДЕВОЈКА
Граѓанските организации за заштита на човековите права остро го осудија интервјуто емитувано на јутјуб-каналот на Лазаров како поттикнување на кривичното дело Родово базирано насилство и ги повикаа компаниите што се рекламираат во подкастот на Лазаров да ги повлечат рекламите поради содржините во кои се одобрува и се повикува на насилство.
„Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно испраќаат порака до огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирањето на културата на насилство и до каде може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците. Таа култура им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и се слават како ‘вистински мажи’ и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, испраќајќи им јасна порака дека системите за поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно. Јавната осуда е единственото оружје со кое располагаме, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, реагираа од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
По повод интервјуто, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудија говорот со кој се поттикнува насилство и се стимулира родова дискриминација.
С. К. ДЕЛЕВСКА



