OБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА НА ЛАТАС ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ ПАСОШОТ ПОРАДИ ПРОМОВИРАЊЕ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИ, ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ И ЗА ЈУТУБЕРОТ ЛАЗАРОВ

    OБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА НА ЛАТАС ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ ПАСОШОТ ПОРАДИ ПРОМОВИРАЊЕ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИ, ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ И ЗА ЈУТУБЕРОТ ЛАЗАРОВВо интервјуто, јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас се смеат за насилството. (Фото: Принтскирн од Јутјуб)

    Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутуберот Стефан Лазаров, за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.

    Поради опасност од бегство, јавниот обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да определи мерка на претпазливост за обвинетиот Павловиќ-Латас – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.

    Обвинението е поднесено по интервјуто на Лазаров со Павловиќ-Латас емитувано минатата недела, во кое Латас раскажува дека како 15-годишник тој и неколку другари злоставувале и силувале девојка која била претепана. Притоа, обајцата со Лазаров се смеат за насилството.

    „Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан. По наредба на јавен обвинител, Секторот за компјутерски криминал при МВР го документираше и го обезбеди наведениот поткаст и целокупниот доказен материјал кој ги потврдува елементите на кривичното дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 5 години“, соопшти Обвинителството.

    Од Обвинителството велат дека, особено имајќи ги предвид меѓународните обврски кои произлегуваат од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, но и влијанието и последиците од постапките на двајцата обвинети врз јавниот морал и интерес, за двајцата обвинети е предложена мерка – „забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело кое им се става на товар, односно забрана за каков било јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира