Основниот суд Скопје 1 вчера не одговори на барањето на Специјалното јавно обвинителство за одредување мерка притвор за едно осомничено лице и одземање пасоши за други три лица во врска со истрагата за предметот „Трезор“. СЈО поднесе и предлог до Судот за донесување на привремена мерка – забрана за користење и располагање со трансакциската сметка на правнoто лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.
Ниту еден од осомничените, кои СЈО ги сомничи дека го оштетиле буџетот за над 862.000 евра, вчера не беше изведен пред судија на претходна постапка. Според Законот за кривична постапка, судијата на претходната постапка е должен без одлагање да го разгледа предлогот на обвинителството и веднаш да одлучи по него.
Откако ќе биде изведен пред судијата во претходна постапка, што вообичаено се случува веднаш по поднесувањето предлог од обвинителството, во рок од шест часа на осомничениот треба да му се достави решението дали е одреден притвор или друга мерка за претпазливост. Во решението се назначува кога осомничениот е изведен пред Суд и кога го примил решението. Осомничениот има право на жалба до кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 во рок од 24 часа.
Барањето за притвор е поднесено за „Трезор“, како што соопштија од СЈО, поради опасност од бегство, постоење на основан страв дека лицето ќе ја попречува кривичната постапка и постоење на особени околности кои го оправдуваат стравот дека лицето ќе го повтори делото.
На вчерашната прес-конференција, СЈО соопшти дека покренало истражна постапка против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како ДТУ „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека станува збор за основано сомнение дека пари од буџетот преку злоупотреба на функции и злоупотреба на буџетот се искористени за лично богатење. Станува збор за набавка на електронска и комуникациска опрема од правно лице од Велика Британија.
Управител на фирмата ДТУ „Финзи Дооел“ бил Коста Крпач, кој бил сведок на СЈО. Тој беше најден застрелан во својот стан во Скопје во април оваа година. Основното јавно обвинителство Скопје чека Специјалното обвинителство да му ги даде изјавите од сведокот, сега покојниот Коста Крпач, кои лица и во кој период му се заканувале со насилства и линч, за да утврди како се самоубил.
Опремата што е набавена преку „Финзи“ не е уништена, кажа вчера специјалната јавна обвинителка Ленче Ристовска, одговарајќи на новинарско прашање. Обвинителката Ристовска рече и дека СЈО има обезбедено сознанија од покојниот Крпач, не само за оваа, туку и за други истраги.