Енвер Бајрамовски (33) од кумановската населба Средорек, кој го уби полицаецот Горан Станишевски (36), 9 месеци бил азилант во Шведска и ги поминал во болница за ментално здравје. Неговите родители раскажуваат дека на средината на минатата година тројцата си заминале од земјава за подобар живот во странство, па патот ги однел во едно помало гратче во Шведска. Не можеа да се сетат на името, а не успејаа ни да го најдат документот што го добиле од шведските власти откако ги изгубиле пасошите кога стигнале таму.
„Кога отидовме таму, веднаш нѐ однесоа во прифатен центар. Видоа дека Енвер е болен и го згрижија во болница, а нас не сместија во хотел да бидеме блиску до него и да го посетуваме. Таму го лекуваа и немаше никакви проблеми. По 9 месеци одлучија мене и жената да нѐ вратат, не ни го прифатија барањето за азил. Тоа беше пред 6 месеци, ние си дојдовме а Енвер остана. Ни рекоа ако е добар ќе остане да живее таму, ама ако е лош и него ќе го вратат во Македонија. Тој направил некоја белја, кршел стакло и по четири месеци го донесоа и него, бидејќи не е здрав. Со авион во придружба на полицаец и лекар, право од аеродром го однеле во Бардовци. Ние и не знаевме дека го вратиле, дојдоа од полицијата и нѐ известија дека е тука и отидовме да го видиме“, раскажува таткото на Енвер, Муарем.
Според родителите, откако го донеле од Шведска Енвер во Бардовци останал близу два месеца и воопшто не доаѓал дома до убиството. Тогаш го зеле, бидејќи имал проблеми со крајниците и сакале да се оперира во кумановската болница, но во меѓувреме се предомислил. Му се влошила здравствената состојба и сам барал да го однесат во психијатриската болница ден пред убиството.
„Го однесов да го оставам, но докторката ми рече: ’Нема место, ајде води си го дома’. Ми даде таблети да му давам да пие, ама тој не ги сакаше. Кога ќе добиеше напад кршеше пред себе и нѐ тепаше по дома. Само со мртви зборуваше кога ќе полуди. Да го примеа тогаш, немаше да се да се случи оваа трагедија“, вели Муарем.
Тој кажува дека критичната вечер, Енвер прво ги гаѓал полицајците со огледало што го нашол во собата, а потоа го зел ножот од шпоретот пред куќата. Откако го прободел полицаецот, во целата мешаница, Муарем успеал да му го земе ножот и да го совлада.
„Му викав, фрли ножот ќе те убијат. Тој ме послуша го фрли ножат, а јас го фатив и го предадов на полицајците. Пред неколку дена отидов во затворот во Шутка да го посетам, но ми рекоа дека немам право да го видам. Ми кажаа полицајците дека го посетува лекар, а тој постојано плачел“, додава со солзи во очите Муарем.
Во Центарот за социјални работи во Куманово, Енвер Бајрамовски не е регистриран како корисник на социјална помош ниту како сторител на семејно насилство, бидејќи родителите никогаш не го пријавиле иако кажуваат дека постојано биле тепани и малтретирани од него. Тој бил пријавен во социјално од МВР единствено кога како азилант бил вратен од Шведска.
Кумановската полиција вчера поднесе кривична пријава за убиство против Бајрамовски.