ЌУТИ, ДОМА ЌЕ БИДЕМЕ ЗА НОВА ГОДИНА, ВО ЗАТВОР ТРЕБАШЕ ДА СЛАВИМЕ, СЕ СМЕЕЈА ОБВИНЕТИ ВО „ТНТ“, КОЈ ПОЧНУВА ОТПОЧЕТОК

    ЌУТИ, ДОМА ЌЕ БИДЕМЕ ЗА НОВА ГОДИНА, ВО ЗАТВОР ТРЕБАШЕ ДА СЛАВИМЕ, СЕ СМЕЕЈА ОБВИНЕТИ ВО „ТНТ“, КОЈ ПОЧНУВА ОТПОЧЕТОКПри смена на поротник, судењето се враќа на нула, на воведени зборови и изјаснување за вина. Сè што било работено овие две години, не важи, треба да се повтори и изведе како за првпат. - Од денешното судење за „ТНТ“ (Фото: К. Попов)

    Обвинетите во предметот „ТНТ“, на чело со избеганиот експремиер Никола Груевски извојуваа победа и судењето за незаконското уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски почнува на 17 јануари отпочеток, место денеска да имаше пресуда. Ваквата ситуација настана по блокадите што на самиот крај на овој двегодишен судски процес, успешно ги изведоа обвинетите и нивните адвокати, сè по закон.

    Дознавајќи дека деновиве две од поротничките во овој судечки совет во Кривичниот суд полнат 60 години и со тоа им престанува мандатот, тие успеаја да го оспорат финишот. Адвокатот Јовица Страшевски уште на почетокот, денеска го извести судот дека обвинетиот Тони Трајковски, кој според обвинението по наредба на Никола Груевски и Миле Јанакиески набавил експлозив и ја поттикнал Елисавета Најдовска незаконски да го сруши комплексот Космос, се вратил во болница.

    „Денеска поротничката Лилјана Јовановска Кочковска, полни 60 години. И престанува мандатот. Барам да прекине судењето и таа да се замени со друг поротник“, кажа Мерџан Даути, адвокатот на Елисавета Најдовска. Со истото барање настапија и останатите бранители во „ТНТ“.

    Обвинителот Бурим Рустеми кажа дека Судскиот совет треба да одлучи дали ќе го прекине, или ќе го продолжи мандатот на поротничките.

    „Натаму, барам раздвојување на постапката против обвинетите Тони Трајковски, Насе Ралев и Александра Аврамовска“, кажа Рустеми.

    Според неговиот предлог, во другиот дел на „ТНТ“ требаше да останат: избеганиот Никола Груевски, Миле Јанакиески и Елисавета Најдовска, која проба преку ангажираниот адвокат Даути кој е Албанец, да ја одолговлечи постапката која и онака трае два години.

    Но, по 15-минутна пауза судијата Огнен Ставрев ја соопшти одлуката дека се одбива предлогот на обвинителот Бурим Рустеми. Судењето го закажа на 17 јануари 2020 година.

    Дотогаш Судскиот совет треба да го констатира престанокот на мандатот на поротничките. Вчера најави дека тоа ќе го стори на првата наредна седница.

    При смена на поротник, судењето се враќа на нула, на воведени зборови и изјаснување за вина. Сè што било работено овие две години, не важи, треба да се повтори и изведе како за првпат.

    „Ќути, дома ќе бидеме за Нова Година. Јас си викав леле во затвор требаше да славиме”, се смееја обвинетите вработени во општина Гази Баба, кои според обвинението биле поттикнати од тогашниот градоначалник Тони Трајковски и помогнале да се изврши незаконското уривање на Космос, затоа што Цаноски ја напуштил коалицијата со Груевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира