КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА ПРЕДУСЛОВ ЗА ВЛЕЗ НА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ ВО МАКЕДОНИЈА

    КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА ПРЕДУСЛОВ ЗА ВЛЕЗ НА ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ ВО МАКЕДОНИЈАОд Министерството за финансии велат дека Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија и дека размената со Германија во првите десет месеци од годината изнесува 26,6 отсто со трговски суфицит. - Oд денешниот состанок во Министерство за финансии (Фото: Министерство за финансии)

    Квалификувана работна сила е еден од предусловите за влез на германските компании во Македонија, е еден од заклучоците по денешниот состанок меѓу министерот за финансии Драган Тевдовски и економската делегација на „Источниот комитет на Источно – европската асоцијација на германската економија“ предводена од генералниот директор Мајкл Хармс.

    Претставниците на германскиот бизнис сектор во Македонија на состанокот во министерство за финансии се интересирале за даночната реформа, воведувањето на европските стандарди во работењето, фискална транспарентност и евроатлантските интеграции на Македонија. Тие најмногу се интересирале за кадри од техничките струки и од информатичката технологија.

    Од Министерството за финансии велат дека на германските стопанственици им објасниле дека за потребите на пазарот на труд вовеле дуално образование, и дека германската влада преку двајца експерти ќе помогне во развој на професионалното образование.

    „Во буџетот за 2019 година се предвидени највисоки средства за активните мерки за вработување. Преку оваа програма на краток рок ќе се реши проблемот со поврзувањето на понудата и побарувачката за кадар на пазарот на трудот. Во Буџетот за следната година, поддршката за приватниот сектор бележи раст од 37 отсто“, велат од Министерство за финансии.

    Извозот од Македонија во Германија од јануари до септември годинава изнесува 1,95 милијарди евра, што е раст од 13,5 отсто во однос на истиот период лани. Увозот од Германија во Македонија од јануари до септември годинава е 643,6 милиони евра, и зголемен е за 11,6 отсто во однос на истиот период лани.

    Од Министерството за финансии велат дека Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија и дека размената со Германија во првите десет месеци од годината изнесува 26,6 отсто со трговски суфицит.

    „Лани во Германија извезени се стоки во вредност од 2,35 милијарди евра, што претставува највисок остварен извоз од 2008 година наваму и раст од 15,1% во однос на 2016 година. Од Германија лани се увезени стоки во вредност од 803,7 милиони евра, што претставува раст од 6,6% во однос на 2016 година“, велат од Министерството за финансии.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира