ЛАБОРАТОРИИТЕ И ВИКЕНДОВ ЌЕ РАБОТАТ ВО ТРИ СМЕНИ, ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ ИМА ПЛУС ТЕРМИНИ ЗА ТЕСТИРАЊА НА КОВИД-19, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЛАБОРАТОРИИТЕ И ВИКЕНДОВ ЌЕ РАБОТАТ ВО ТРИ СМЕНИ, ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ ИМА ПЛУС ТЕРМИНИ ЗА ТЕСТИРАЊА НА КОВИД-19, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕДосега во земјата се направени вкупно 231.613 тестирања на ковид -19. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На почетокот на следната недела ќе се отворат нови термини за тестирања на ковид-19, со оглед на тоа дека силниот есенски бран ги оптерети лабораториите за тестирање, најави министерот за здравство Венко Филипче.

    Досега во земјата се направени вкупно 231.613 тестирања на ковид -19,  а во последните 24 часа направените 2.367 теста се преку: ИЈЗ-721, ЦЈЗ Скопје-82, Авицена-496, Биотек-271, МАНУ -170, Жан Митрев (Филип Втори) -210, Систина со ПЦР метода -136 , лабораторија Лаор –77, Судска медицина-28, ЦЈЗ Битола-99, Инфективна клиника-10, ГАК-11, Синлаб-56.

    „Викендов сите лаборатории ќе работат со полн капацитет за да се постигне со обработката на тестови, а денеска разговаравме за отворање на нови термини на почетокот на следната недела. Сите капацитети се максимално ангажирани, колегите работат во три смени. Верувам дека брзо ќе изнајдеме решение за надминување на состојбата“, вели министерот.

    Откако деновиве почна да расте дневната бројка на заболени од ковид-19, граѓаните реагираат дека за да се тестираат на државно мора да чекаат по осум дена или по 2-3 дена ако се ослободи термин во друг град. Има реакции и за тоа дека тест на приватно во Институот за јавно здравје до скоро чинел 1.800, а новост е дека сега  чини 2.500 денари. Тестирањата во приватните лаборатории чинат околу 4 илјади денари па нагоре.

    Министерството за здравство денеска соопшти дека се прави реорганизација на Интерните одделенија во болниците во земјава и ќе се активира медицинскиот кадар од скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, како дополнителна помош во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде се третираат пациенти од ковид-19. Тоа беа заклучоците по состаноците на министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со директорите од Универзитетските клиники, Клиничките и општите болници ширум државата, како и со главните медицински сестри од Клиниките во Скопје.

    Како што вели Министерството за здравство, на состаноците е договорено сите директори да направат дополнителна реорганизација на просторот во Интерните одделенија заради обезбедување дополнителни капацитети во тие одделенија како и оптимизација на медицинскиот кадар од клиниките во Скопје кој ќе помага на Инфективна.

    Од неодамна,  студентите од шеста година на Медицинскиот факултет се вклучија во работата на епидемиолозите во изработувањето на епидемиолошките анкети и собирањето на податоци од позитивните лица на ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира