Сексуалното образование поттикнува загуба на традиционалните вредности, е закана за семејството и ги поттикнува младите порано да влегуваат во сексуални односи – ова се најчестите дезинформации кои одредени групи ги шират на оваа тема.
Исто така, ЛГБТИКу+ заедницата многу често се користи за одвлекување на фокусот од реалните проблеми, од тоа дека живееме во моментов во време каде се случува еколошки колапс, корупција, фемицид, горење дискотеки. Оваа тема многу пали на луѓето да им се оттргне вниманието, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК истражуваше како дезинформациите за сексуално образование и ЛГБТИКу+ стануваат оружје за дестабилизација, за тоа како современите закани кон информативниот простор можат да се одразат директно врз животите на поединци и заедници.
Од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА велат дека овие дезинформации започнаа да се шират во периодот кога беше изработена програмата за изборен предмет во 9. одделение и откако успешно беше пилотирана во основните училишта. Но, тој наратив продолжува до денеска, па преку повеќе фејсбук групи како што се „Коалиција за заштита на децата“, „Родителски фронт“, „Од Нас за Нас“, „Превземи Одговорност“, „Учебници и настава мора да има“, во јавноста постојано се шират дезинформации за сексуалното образование и ЛГБТИКу+ заедницата. Поддржани се и од политички партии на нивните настани, а со големиот протест против Законот за родова еднаквост во оваа група се придружија и лидерите на верските заедници во државата и нивни поддржувачи, јавни личности, интелектуалци и академици.
Според истражувањето на САКАМДАКАЖАМ.МК, најраспространетиот и највлијателен наратив е дека сексуалното образование поттикнува загуба на традиционалните вредности, претставувајќи го предметот како закана за семејството, и за традиционално дефинираниот морал, како нешто што е наметнато од „запад“. Тоа поттикнува длабока поделба во општеството, несигурност и страв, дестабилизирање и сериозен атак врз демократските вредности.
Од ХЕРА велат овие дезинформации се шират за да се исклучат цели групи граѓани од општествените текови, и да се нормализира дискриминацијата и насилството врз нив – првенствено врз жените и ЛГБТИКу+ лицата.
„Се ширеа дезинформации дека доколку учениците го слушаат овој предмет во училиште, ќе ги отфрлат сите традиционални вредности и ќе водат неморален живот, често претставувајќи го тоа со илустрации извадени целосно од контекстот за кој станува збор. Овој став е целосно неточен и претставува намерно извртување на суштината на програмата која има за цел да ги информира и насочи кон одговорно и здраво однесување со почит, толеранција и грижа за себе и другите. Под превезот на зачувување на традиционалните вредности доминира овој наратив кој шири омраза и поттикнува насилство, претставувајќи ја научно издржаната образовна програма како опасност за младите, често инсистирајќи на тоа родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет воопшто да не се споменуваат во училиште. На овој начин, клучни теми како еднаквост, толеранција, соживот, почит, прифаќање, согласност, ненасилство, спречување и пријавување на меѓуврсничко насилство, грижата за сексуалното и репродуктивно здравје, се изместуваат и се претставуваат како своевидна закана за учениците. Всушност, антиродовите актери покажуваат немање слух за статистиките и препораките од последните анализи и истражувања кои укажуваат на висок степен на насилство кај децата, влошување на нивното менталното здравје и отсуство на грижа за репродуктивното здравје поради немање пристап до точни и проверени факти како и здравствени услуги“, велат од ХЕРА.

Монахиња слика самослик на протестот во 2023 во црквата „Свети Климент Охридски“ во Скопје. (Фото: К. Попов)
Овие дезинформации најчесто се насочени кон родителите, не давајќи им всушност точна информација за предметот, како и кон наставниците, за да се намали нивната мотивација да учествуваат во обуки за нивна квалификација и сертифицирање за понатаму да го спроведуваат предметот.
„Спротивно на овие митови, сексуалното образование во Македонија е програма базирана на седум компоненти: род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје, насилство, сексуалност и граѓански аспекти. Таа има цел младите да учат за почитување, здрави врски, заштита од насилство, согласност, како и за одговорно однесување кон себе и другите. Наставата се одвива преку работилници и дискусии, каде младите во безбедна средина имаат простор да поставуваат прашања и да развиваат критичко размислување. На овој начин, младите веќе нема да се информираат за сексуалните односи само преку интернет и социјални мрежи, каде што најчесто информациите се погрешни, вознемирувачки или токсични“, велат од ХЕРА.
Според податоците на ХЕРА, во земјите каде што е воведен предмет сексуално образование, возраста кога младите имаат прв сексуален однос е значително повисока. Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19-годишна возраст.
„Сексуалното образование ги едуцира младите за тоа како да останат безбедни, за тоа што значи согласност и како да кажат ‘не’ на она однесување што е несоодветно или е насилно. Често тие не знаат како да го одбијат притисокот од средината за рано стапување во сексуални односи, па затоа сексуалното образование на некој начин ги подготвува младите како да го одложат првиот сексуален однос, кој поради притисок на врсниците може да биде избрзан и најчесто незаштитен. Исто така, факт е дека малолетничките бремености и раѓања ни се три пати поголеми од земјите во ЕУ. Во вакви услови, младите треба да се информираат навреме за да знаат да се заштитат, сексуалното образование прилагодено за возраста учи за современите методи за контрацепција, правилно користење, како и пристап до услуги за репродуктивно здравје“, објаснуваат од ХЕРА.
Често пласирани дезинформации се и оние поврзани за сексуалната ориентација. Од ХЕРА велат дека во овој контекст, сексуалното образование ги учи младите на прифаќање различности, почит и грижа за себе и другите, нулта толеранција за насилство по ниту една основа – род, пол, попреченост, етничка припадност, сексуална ориентација, економски статус итн.
Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата, а младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74 %), чувства на тага и безнадежност (47 %) или со сериозни самоубиствени мисли (30 %).

Од Хелсиншки комитет велат дека говорот на омраза се шири пропорционално со видливоста на ЛГБТИК + заедницата. – Од годинашната Парада на гордоста во Скопје. (Фото: К. Попов)
„Сите овие факти се занемарени од антидемократските движења, кои со пласирањето на дезинформции и ширењето говор на омраза покажуваат целосна негрижа за физичкото и менталното здравје на децата и отсуство на дебата околу тоа како да им се даде поддршка да бидат здрави и да го остварат сиот свој потенцијал. Тврдењата на овие актери, всушност, немаат никаква допирна точка со официјалната програма за сексуално образование која е усогласена со УНЕСКО и прилагодена на возраста на учениците (14-15 години). Карактеристичен е и манипулативниот избор на илустрации што не се дел од македонскиот курикулум, особено што не е ни предвиден учебник за овој предмет, сè со цел да се предизвика морална паника кај родителите. Родителите и наставниците се посебно таргетирани во кампањите, за да се создаде недоверба кон училиштето и програмата“, велат од ХЕРА.
За сите овие дезинформации немаше соодветен одговор од институциите и тие групи постојат и продолжуваат да шират дезинформации, говорот на омраза и предизвикуваат лавина од реакции кај народот.
Повикувањето на насилство, особено против организациите кои работат на овие образовни програми како и против бранителите на човекови права, беше засилено од антиродовите движења особено во периодот кога започнаа најсилните дезинформациски кампањи околу сексуалното образование и Законот за родова еднаквост. Иако Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието беа дел од процесот на изработка и пилотирање на програмата за сексуално образование, и беа достапни за сите информации поврзани за процесот на воведување на овој изборен предмет во 9. одделение, интензитетот на ширење дезинформации и повикување на насилство остана ист.
Од друга страна, од страна на безбедносните служби и од институциите не беше санкциониран говорот на омраза како реакција на дезинформациите на социјалните мрежи, што му остави простор на токсичниот наратив да се шири и да се нормализира. Како последица, дебатата која се одвиваше онлајн, често се прелеваше во сексистички говор на омраза кон бранителките на човекови права, или кон оние кои ја поддржуваат програмата, кои беа особено на удар. Неказнивоста на ваквиот тип на ширење невистини, лаги и дезинформации овозможи актерите на анти-родовите групи да се наметнат во јавната дебата и да останат гласни.
„Кога на социјалните мрежи почнаа да се шират илустрации и материјали што беа претставувани како дел од наставната програма, институциите информираа дека тие не потекнуваат од официјалните наставни материјали подготвени за пилот-програмата на сексуално образование. Во 2023 година, слабата институционална реакција уште повеќе се истакна во контекст на Предлог-законот за родова еднаквост. Иако постоеше натпартиски консензус за усвојување на законот, само неколку месеци подоцна истиот закон стана цел на жестока антиродова кампања предводена од верски лидери, академици и јавни личности. Најголемата верска заедница, Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), организираше протест со пораки дека законот е закана за семејството. Голем број медиуми некритички ги пренесоа овие дезинформации. Наместо да реагираат со јасни, проверени информации, дел од националните институции останаа пасивни, а со тоа се засилија сомнежите и отпорот кај дел од јавноста“, додаваат од ХЕРА.
Од Хелсиншки велат дека говорот на омраза се шири пропорционално со видливоста на ЛГБТИКу+ заедницата. Многу пари се истураат од антиродовите движења и скоро секогаш акцент се децата. Педофилија е број еден тема, тоа секогаш било, велат тие, а сега со социјалните мрежи тоа многу се шири.
„На пример во јуни, откако ќе се најави Парадата на гордоста, забележуваме говор на омраза кој станува вирален, кој во наголем дел е во коментари под веста и со различен интензитет, од повикување на насилство, палење, правење сапун до поблаги форми на навреди и се тоа претставува говор на омраза, дали како кривично дело или како вознемирување. Тие остануваат под веста на порталите кои не се модерираат и сме забележале над 1.000 коментари под еден текст. Во однос на дезинформациите, немаме конкретна бројка затоа што не ги делиме така, меѓутоа антиродовите движења користат различни моментуми во општествено политичкиот контекст да ја поврзат заедницата со педофилија, со злоупотреба на деца. Со оглед на тоа дека луѓето емотивно реагираат на вакви информации, и тука забележуваме пораст на омразата“, велат од Хелсиншки комитет.
Љубомир Фаизов од Хелсиншкиот комитет вели дека откако ќе се најави Парадата на гордоста, забележува не само говор на омраза на социјалните мрежи, туку и почести злобни погледи и дофрлувања на улица, погрдни зборови и на улица.
„Доста активни се антиродовите движења, како на пример Коалиција за заштита на децата, Преземи одговорност. Тие не пласираат говор на омраза од типот на ‘Да ги обесиме педерите на Плоштад’, туку шират манипулации, дезинформации, на пример за педофили. Но, сите истражувања покажуваат дека хетеросексуалните мажи се многу поголеми силувачи и се манипулира со такви информации. Луѓето во Макеоднија не читаат цели информации, само наслови и не размислуваат критички и многу е лесно да се фатат за некој збор. Во името на групата го има зборот дете, оти детето е свето, и тука се геј луѓето за да ги нападнат децата, да ги преобратат и да си ја тераат геј агендата . Гледам дека се во релација со одредени религиозно структури, тие не функционираат само онлајн, прават и проекции на филмови, на пример ‘Што е жена“ од Мејту Волш, познат антиродов активист, имаше неколку проекции низ Македонија и посочување на одредени личности како Ирена Цветковиќ, Уранија Пировска, Мила Царовска, цели дискусии за нив. Имаше протести и во Струмица, градоначалникот им даваше бесплатно простории каде може да ги прикажуваат филмовите. Имаат цели веб страни, има и истражувања кои го следат текот на парите. За да имаш луѓе кои постојано ќе пишуваат на платформите, ти требаат пари. Голем дел се од Русија, знаеме Путин како е наклонет“, вели Љубомир Фаизов.
На годинашната Парада на гордоста во Скопје, слоганот беше „Да (оп)стоиме, заедно“, а главната порака беше упатена кон Министерството за образование и наука (МОН), бидејќи, како што рекоа организаторите, преку скратена постапка и тивка цензура, ги отстрани единствените механизми што овозможуваа ЛГБТИКу+ младите да бидат видени, препознаени и заштитени. Тие велат дека од законите за основното и за средното образование, како и Законот за учебниците, се тргнати термините „род“, „родов идентитет“ и „сексуална ориентација“, како основи за дискриминација, како и дека е отстранет терминот „родова еднаквост“.
„Со промената на законите за основно и средно, да се тргне родовиот идентитет и сексуалната ориентација од основите за заштита од дискриминација, кое не е во согласнот со Законот за заштита од дискриминација, практично децата кои имаат сексуална ориентација и ралзичен родов идентитет остануваат без заштита. Ние застапуваме треба да остане сексуална ориентација и родов идентитет во закон, они прават кампања наспроти тоа со ширење на дезинформации тие ја уриваат таа наша заложба, создаваат недоверба во институциите и ги поткопуваат нашите заложби. Во ваков контекст како што е Македонија, каде предрасудите се на многу високо ниво и стигната, многу малку треба. Они прават штета многу голема со многу малку труд, со една дезинформација“, вели Славица Анастасовска од Хелсиншки комитет.
А Фаизов додава: „Пред две години имаше протест организиран од МПЦ за Законот за матична евиденција, бев на пазар и постар човек делеше флаери и викаше: ‘Еве овие фашистиве сакаат 77 рода да ни наметнат во државата’. Тие користат такви инстументи кои ние не ги користиме и имаат пари за ширење на таа кампања“.

Хелсиншки, Коалиција Маргини и ХЕРА имале извештај, каде од 537 пријави, 74 отсто се базирани на сексуална дискриминација и родов идентитет. (Фото: К. Попов)
Фаизов кажа дека булингот доаѓа од училиштата, сите трауми кои ги имаат ЛГБТИКу + луѓето во најголем дел се од школите, за некои луѓе одењето во школо претставува пекол.
Хелсиншки комитет, Коалиција Маргини и ХЕРА имаа извештај, соред кој од 537 пријави, 74 отсто се базирани на сексуална дискриминација и родов идентитет.
Во Хелсиншки комитет имаат направено неколку истражувања, едното е за искуства за институционална дискриминација на Коалиција маргини, за односот на институциите кога ЛГБТ луѓето одат да пријават проблеми. Се истражувале здравство, образование, правосуден систем и полиција.
„Проблемот е во тоа што не можеме да дојдеме до бројка колкав е делот на говор на омраза или дела од говор на омраза, поради тоа што луѓето се незаштитени, немаат доверба во институциите и се плашат да одат да пријават. Особено луѓето од помалите градови каде се знаат сите, ако оди да пријави другиот ден цел град го знае случајот. Поради тоа, луѓето од ЛГБТ заедницата патат и не пријавуваат. Пријави се поднесуваат, но треба некој да се заинтересира за да направи нешто. Со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација имаме проблем затоа што немаат механизам за кога ќе пријаваме говор на омраза од социјални медиуми, не можат да проверат за кое лице станува збор, од која ај-пи адреса доаѓа бидејќи не се МВР. Имаме институционален проблем, немаат соработка со МВР и тие постапки ни се отфрлаат. Во однос на Обвинителство и МВР сме пратиле над 50 пријави, но ниту една не е стигната до суд, немаме обвинение. Со судската пракса кубуриме, а обвинителите се хомофобични, можеби не сите, но повеќето овие предмети ги оставаат, не ја повикуваат жртвата на разговор за да видат како се чувствува“, вели Анастасовска.
Фаизов е песимист дека ќе се подобри состојбата и условите за ЛГБТИКу+ заедницата.
„Моментално одиме назад, но тоа мора да се смени на глобално ниво, а во моментов се засилени конзервативните сили и овие антиродови движења“, вели Фаизов.
А. АНТЕВСКА – Б. НЕСТОРОСКА
________________________________________________________________________________________________
Оваа содржина е изработена во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.