ЛАНИ БИЛЕ РЕГИСТРИРАНИ НОВИ 115 БОЛНИ СО МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА, ВО МАКЕДОНИЈА ВКУПНО ИМА 2.500

    ЛАНИ БИЛЕ РЕГИСТРИРАНИ НОВИ 115 БОЛНИ СО МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА, ВО МАКЕДОНИЈА ВКУПНО ИМА 2.500Д-р Божиновски, Клековски, д-р Бурнеска-Саздова и Карајанова-Димитрушева на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Во Македонија има околу 2.500 дијагностицирани пациенти со мултипла склероза (МС). Трендот на откривање на нови пациенти со МС има нагорна линија, што се потврдува со регистрираните 115 новодијагностицирани пациенти во текот на 2025, кажа денеска в. д. директорот на Клиниката за неврологија асс. д-р Јован Божиновски, на одбележувањето на Светскиот ден на мултипла склероза.

    Д-р Божиновски кажа дека Клиниката е во интензивен процес и напори за набавка на нов апарат за магнетна резонанца (МРИ), кој драстично ќе го скрати времето за поставување дијагноза и евалуација на болеста. Ббуџетот на Клиниката само за набавка на лекови за МС за 2026  пораснал за дополнителни средства и сега изнесува 451 милиони денари.

    „Ова зголемување овозможува пристап на поголем број пациенти на третман – од 961 пациент во 2025 година, планот за 2026 опфаќа над 1.020 лица на терапија. Што е уште позначајно, во согласност со светските медицински трендови, близу 600 пациенти се на третман со високоефикасна модифицирачка терапија, со што директно се спречуваат релапси и долгорочен инвалидитет“, додаде тој.

    Претседателката на Националното здружение за МС, Ана Карајанова-Димитрушева кажа дека почнува децентрализацијата на децентрализацијата на третманот на пациентите со МС. Овој проект, кој претставува долгогодишно примарно барање на Националното здружение, успешно се имплементира како пилот-програма во три клучни јавни здравствени установи низ државата:  Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“во Скопје, Клиничка болница Штип (за покривање на Источна и Североисточна Македонија) и Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид (за Југозападниот Регион).

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски кажа дека доколку оваа пилот-фаза ги потврди очекуваните резултати, децентрализацијата ќе се прошири и во други градови со цел терапијата да биде доближена блиску до домот на пациентот, со што ќе се елиминираат исцрпувачките патувања и патните трошоци.

    Д-р Слободанка Бурнеска-Саздова од Клиниката за неврологија на денешната прес-конференција го презентираше новото истражување, спроведено меѓу членките на здружението. Анкетата, фокусирана на планирањето на семејството кај жените со МС во Македонија, покажала дестимулирачки, но алармантни резултати кои бараат итна општествена акција.

    „Имено, мултиплата склероза сè уште се доживува како огромна психолошка бариера за бременост, но не поради биолошка неможност, туку исклучиво поради неоправдан страв од влошување на состојбата и изразен дефицит на информации. Клучни заклучоци од истражувањето за бременост и МС се:  Пациентките имаат силна желба за остварување како мајки, но се оневозможени од страв од релапс по породувањето.
    Лекарите невролози се перципираат како најголем авторитет, но жените се чувствуваат недоволно информирани.  Постои огромна и итна потреба од специфични едукативни материјали кои јасно ја докажуваат безбедноста на современите иновативни терапии за време на бременоста и доењето“, кажа д-р Бурнеска-Саздова.

    Карајанова-Димитрушева додаде дека од вечерва па сè до крајот на неделата, објектот на Археолошкиот музеј на Македонија ќе биде целосно осветлен во портокалова боја – официјалниот меѓународен симбол за поддршка на лицата со МС.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира