Не е лекарка трудницата која позитивна на коронавирус дошла да се пораѓа на Клиниката за гинекологија и акушерство, дала лажни податоци, па на свое барање заминала и се породила во приватната болница „Ремедика’, соопшти вечерва Лекарската комора. Од Комората велат дека провериле во Регистарот на лекари на барање на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, (ДЗСИ) од причина што во моментот на престојот во двете здравствени установи пациентката се претставувала дека е лекар.
„Лекарската комора утврди дека пациентката не е впишана во Регистарот на лекари во Република Северна Макеоднија, не поседува лиценца за работа, ниту пак била во постапка за стекнување со истата, односно во постапка за полагање на државен испит. Лекарската комора нема информации дали пациентката поседува диплома и се стекнала со звање доктор на медицина на некои од високообразовните институции во земјава или странство“, велат од Комората.
Лекарската комора остро го осудува „ваквото неодговорно однесување со кое пациентката ги загрозила здравствените работници, родилките и новороденчињата во двете здравствени установи, а однесувањето уште повеќе е неприфатливо доколку навистина се работи за медицинско лице, поради што апелираме до надлежните органи да продолжат со истрагата до целосно расчистување на случајот“.
Пациентката, чиј свекор бил позитивен на КОВИД-19, дошла да се пораѓа на Клиниката за гинекологија во Скопје без да каже дека имала контакти со заразено лице со коронавирус. Пред да биде примена ѝ била направена епидемиолошка анкета, на која не кажала дека имала контакти со позитивни лица. Потоа, била сместена во одделението каде што се примаат пациентки без КОВИД-19, и била во соба со уште две родилки.
Вработените во Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) добиле информации дека родилката има позитивен член на семејството, по што веднаш побарале да биде тестирана. Притоа била ставена во изолација, од што се навредила, одбила да се тестира и ја напуштила Клиниката и отишла да се породи во приватна болница.
Докторката, откако заминала од ГАК, се породила во приватната болница. По породувањето развила симптоми, по што била тестирана и излегла позитивна на КОВИД-19. Сега се лекува на Инфективната клиника. Во изолација се и 15 медицински лица од приватната болница.
Директорката на ГАК Викторија Јовановска вели дека за ваков случај таа треба да се одговара кривично, бидејќи е доведено во опасноста здравјето на здравствените работници и пациенти.
Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирена Сотирова-Бухова вели дека чекаат официјално известување од ГАК, но во текот на денот ќе излезат на терен и ќе постапат по овој случај.
Б. НЕСТОРОСКА