Под водство на неформалното движење „Кој е следен?” и со голем транспарент на кој пишуваше „Системот е следен”, започна маршот на неколку илјади граѓани од Плоштад, до Собрание, па до Владата.
Маршот почна со триминутен молк за загинатите во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани на 16 март, во кој загинаа 59 млади луѓе меѓу кои и 6 деца, а 200 се повредени од кои 25 деца.
Пред Собранието се извикуваше „Уа!”, „Правда за жртвите”. Но, по неколку минути, како што колоната сврте кон поранешна Градска болница, сега клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски”, граѓаните масовно почнаа да аплаудираат.
Аплаудираа долго.
„Браво за лекарите!”, викаа и стоеја под прозор бројните граѓани. Се аплаудираше, извикуваше, се викаше и браво за сестрите.
На прозорец се појави еден од дежурните лекари. Отвори прозорец и ја поздрави толпата. Мавташе, поздравуваше, се заблагодари, на крајот и тој свиреше со прсти.
Само што тргна колоната пред „Соравија”, еден од симболите на криминалот и корупцијата, граѓаните почнаа масовно да свират и извикуваат: „Уаа!”.
Колоната на крај стигна пред Владата, а граѓаните извикуваа: „Правда за жртвите!”, „Цела Влада оставка!”, „Убијци”, „Секој може да е следен”.
Потоа настапи 15-минутен молк, почит за настраданите во катастрофалниот пожар во кочанската дискотека.
С. К. ДЕЛЕВСКА