За медицинска сестра од Клинички центар обвинителството до Кривичниот суд поднесе мерки на претпазливост, откако двајца лекари ја пријавиле дека зела мито од пациент за операција.
Против неа е поднесен обвинителен предлог за примање награда за противзаконито влијание, каде е пропишана затворска казна до 3 години.
Обвинетата, на возраст од 54 години, во периодот од 23 до 28.09.2020 година, како медицинска сестра на Универзитетската клиника за ортопедија при ЈЗУ ТОАРИЛУЦ, од синот на пациентка која требало да се оперира побарала 300 евра, бонбониера и пијалок, наводно како награда за докторите што ја извршиле операцијата. Наградата ја побарала со порака испратена до член на семејството на пациентката.
Откако ѝ биле дадени 300 евра, таа 150 евра задржала за себе, а кесата со останатите 150 евра, бонбониерата и пијалокот, ја дала на двајцата доктори, без да им каже зошто им ги дава.
Кога лекарите виделе што има во кесата, настанот го пријавиле во полиција.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерки на претпазливост за обвинетата – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
С. К. ДЕЛЕВСКА